Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, љубезно одби барање за автограм за време на посетата на Поуис во Велс, каде на 26 февруари пристигна заедно со сопругот, принцот Вилијам. Со тоа избегна прекршување на строгиот кралски протокол, објави E! Online.
Во видео што го сподели магазинот Hello!, се гледа како Кејт ги поздравува насобраните граѓани по повод одбележувањето на заедништвото во пресрет на Денот на Свети Давид. Кога еден обожавател ѝ подал пенкало, принцезата тактично го одбила барањето.
„Жал ми е, не смеам да давам потписи“, му рекла. „Но со задоволство ќе се ракувам со вас.“
Човекот ја прифатил понудата, а нивното ракување прераснало во кратка прегратка, по што Кејт продолжила да ги поздравува останатите присутни.
View this post on Instagram
Зошто кралското семејство не дава автограми?
Принцезата и претходно била искрена за причината за одбивањето. Членовите на британското кралско семејство немаат право да даваат автограми во јавност, поради ризик од фалсификување на нивните потписи.
Истото правило го спомена и во 2022 година, кога на изложбата на цвеќе во Челси одби да ги потпише цртежите што ги изработуваше со ученици.
„Се викам Кетрин. Не смеам да го напишам својот потпис, тоа е едно од тие правила“, им објаснила тогаш на децата.
Отстапување од традицијата – но не и од протоколот
Иако строго се придржуваат до правилото за автограми, 44-годишната Кејт и 43-годишниот Вилијам не сметаат дека секоја традиција треба слепо да се следи.
Принцот Вилијам неодамна откри како тој и сопругата планираат поинаку да ги воспитуваат своите деца – принцот Џорџ (12), принцезата Шарлот (10) и принцот Луис (7) – во споредба со претходните генерации.
„Мислам дека генерациите пред нас, во времето на светските војни, не можеле да зборуваат за своите чувства“, изјави тој на 18 февруари во гостување на BBC Radio 1. „Доживеале и виделе навистина страшни работи за кои, колку и да се обидувале да зборуваат, тоа немало вистински да помогне. Затоа, како генерација, веројатно несвесно, се затвориле во себе.“
„Мораме да го прекинеме тој круг. Треба да се зборува за емоциите. Не можете само да ги потиснувате и да се правите дека не постојат“, додаде Вилијам.
Редакција Фронтлајн







