Иранскиот амбасадор во Шпанија, Реза Забиб, изјави дека секоја локација што ќе се користи за „агресија“ против Иран ќе се смета за „легитимна цел“, вклучително и воени бази во Европа.
На прес-конференција во Мадрид, Забиб нагласи дека Иран ќе одговори на „било каква агресија, без разлика од каде доаѓа“.
„Општото правило е дека ќе одговориме на каква било агресија. На секоја акција ќе реагираме“, изјави тој.
Закана кон европските бази
Иран, кој во саботата беше нападнат од САД и Израел, возврати со напади кон земји од Заливот каде што има американски бази. Дронови биле насочени и кон Кипар, членка на Европската унија, каде што се наоѓа британска воена база.
„Се надевам дека нема да има потреба од таква реакција – напад на бази на европско тло – но Иран е земја што има капацитет да ги достигне своите цели“, изјави амбасадорот од својата дипломатска резиденција во шпанската престолнина.
Шпанија забрани напади од своја територија
Забиб ја пофали позицијата на Шпанија, која забранила напади од своја територија.
„Позицијата на Шпанија е во согласност со меѓународното право. Таа ја одби агресијата и ние тоа го цениме“, рече тој.
Во меѓувреме, Велика Британија, Германија и Франција во заедничко соопштение порачаа дека ќе соработуваат со САД во врска со нападот врз Иран. Петнаесет американски борбени авиони биле префрлени во бази во Германија и Франција, откако Мадрид го забрани користењето на шпанска територија за напади.
„Мрачен ден за мирот“
Иранскиот амбасадор оцени дека саботата била „мрачен ден за мирот и меѓународното право“, бидејќи, според него, започнала „нова неиспровоцирана вооружена агресија“, спротивна на Повелбата на Обединетите нации.
Тој тврдеше дека „речиси 200 девојчиња биле убиени во основно училиште“ при израелски напад во градот Минаб, како и дека нападите започнале за време на рамазан, што, според него, претставува игнорирање на светоста на овој месец за муслиманите.
„Нема простор за преговори“
Забиб истакна дека во моментов нема никакви преговори со САД за прекин на непријателствата.
„Тие ја започнаа агресијата без да бидат испровоцирани. Нема простор за преговори со напаѓачите додека трае агресијата“, изјави тој, обвинувајќи го Израел дека ги саботирал мировните разговори што, според него, биле подготвени во Женева.
Амбасадорот изрази надеж дека меѓународната заедница ќе обрне внимание, оценувајќи дека ситуацијата претставува „пресвртница“ за меѓународното право и глобалниот мир.







