Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се очекува намалување на цените на горивата по најновите движења на енергетските пазари, при што конечната одлука треба да ја донесе Регулаторната комисија.
„Очекуваме дека Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за намалување на цените на нафтените деривати, што се потврдува со најновата одлука која ќе стапи на сила во вторник“, изјави Мицкоски во обраќање до јавноста.
Според најавите, цената на Еуросупер 95 ќе се намали за 1,5 денари и ќе изнесува 82 денари за литар, Еуросупер 98 исто така ќе поевтини за 1,5 денари и ќе се продава по 84 денари за литар, додека дизел горивото ќе биде поевтино за 2,5 денари и ќе достигне цена од 95,5 денари за литар. Намалување се најавува и кај екстра лесното масло за домаќинство, кое ќе чини 96,5 денари за литар, како и кај мазутот.
Мицкоски посочи дека овие цени се утврдени без дополнителните попусти од компанијата ОКТА, кои, како што рече, ќе значат дополнително намалување на крајната цена за граѓаните.
Тој нагласи дека Владата веќе презела мерки за ублажување на ценовниот притисок, вклучително и намалување на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 проценти, како и усогласување на акцизите согласно движењата на референтните берзи.
„Остануваме држава со најниски цени во регионот и единствена која ги намалува цените“, истакна премиерот, додавајќи дека има доволни количини на гориво и покрај зголемената потрошувачка, која во одредени денови достигнува и до два милиони литри.
Во обраќањето, Мицкоски им го честиташе на граѓаните и претстојниот празник Велигден, посакувајќи им мир и благосостојба.







