СДСМ обвинува за наводни бизнис врски меѓу Христијан Мицкоски и Виктор Орбан, најавувајќи дека ќе бара целосна истрага за, како што велат, „тајните договори и комбинации“.
Во партиското соопштение се наведува дека „доаѓа време за вистината за бизнис врските на Мицкоски и Орбан“ и дека „со падот на режимот на Орбан во Унгарија, наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации“.
Од СДСМ обвинуваат дека „Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан – не за државата, туку за свои лични и бизнис интереси“.
Партијата тврди дека значителен дел од медиумскиот простор во земјата е под влијание на унгарски бизнис структури блиски до Орбан, посочувајќи дека „скоро 40% од медиумскиот простор во Македонија е под директна контрола на луѓе на Орбан“, кои, според нив, функционираат како „пропагандна машина“.
Во делот за телекомуникациите, СДСМ наведува дека унгарската компанија „4iG“ добила лиценца за трет мобилен оператор, со што, како што тврдат, се овозможува поврзување на медиумите, платформите и инфраструктурата „во единствена контрола“.
Партијата обвинува и за влијание во енергетиката и инфраструктурата, наведувајќи дека „преку тајни договори и посредници, Орбановиот круг имаше влијание и во енергетскиот сектор и во железницата“, како и дека постојат поврзаности со компании преку сопственички структури.
Во соопштението се споменуваат и кредити од Унгарија, за кои СДСМ тврди дека се дел од поширок пакет на политичка и медиумска поддршка, оценувајќи дека станува збор за средства што „ќе ги отплаќаат нашите внуци“.
„Сега, кога Орбан падна, сите овие тајни договори и бизнис комбинации ќе излезат на виделина. Сите овие договори мора да бидат детално истражени“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ најавуваат дека ќе инсистираат на „целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски“.









































































































