Македонија има уникатна географска позиција каде што се сечат двата клучни пан-европски коридори, а владата е фокусирана на искористување на овој потенцијал за економски бенефит на граѓаните. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во поткастот на порталот „Курир“, нагласувајќи ја стратешката важност на патната и железничката инфраструктура во земјата.
Според Николоски, Европската Унија и НАТО покажуваат исклучителен интерес за Коридорот 8, кој Алијансата веќе го прогласи за втор најзначаен безбедносен коридор во Европа. Оваа рута, која ги поврзува Италија, Албанија, Македонија и Бугарија, завршувајќи во Одеса, добива дополнителна тежина во контекст на актуелните глобални случувања.
Министерот појасни дека додека Коридорот 8 е стратешки безбедносен приоритет, Коридорот 10 останува најдолгиот и највитален економски коридор кој го поврзува пристаништето Пиреја со Хелсинки. Тој додаде дека нашата земја има ретка географска предност што двата патни правци се сечат токму источно од Скопје.
„Ние имаме среќа што двата пан-европски коридори се сечат кај нас, додека третиот европски коридор 4 поминува паралелно во Бугарија. Имаме уникатна положба и се обидуваме максимално да ја искористиме. Оваа позиција сакаме да донесе директен економски бенефит и подобар живот за нашите граѓани“, истакна Николоски.
Вицепремиерот потенцираше дека фокусот на министерството е насочен кон брза реализација на проектите на двата коридори за да се ефектуираат овие предности. Според него, развојот на инфраструктурата на Коридорот 8 преку Охрид и Деве Баир, паралелно со модернизацијата на Коридорот 10, ќе ја позиционира Македонија како неизбежна транспортна и логистичка алка на Балканот, што ќе привлече нови инвестиции и ќе го зголеми стандардот на граѓаните.







