Собранието денеска го изгласа укинувањето на техничката влада, потег кој опозициската СДСМ го оцени како пад на последната брана на демократијата и капитулација на државата пред криминалот и корупцијата, соопштија од партијата.
Од СДСМ реагираат дека со поддршка на мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ е укинат механизмот кој постоеше од 2016 година и кој служеше како единствена заштита од тотална узурпација на институциите. Според партијата, премиерот Христијан Мицкоски со овој чекор ја отстранил и последната пречка која спречувала целосна контрола врз изборниот процес, со што се уништени можностите за фер изборни услови.
„Следните избори ќе бидат клучни. Поправен испит нема да има“, предупредуваат од СДСМ во своето соопштение.
Од партијата алармираат дека брзањето на Мицкоски да ја укине техничката влада произлегува исклучиво од неговата намера да владее без никаква контрола, транспарентност и одговорност пред граѓаните. На крајот од соопштението, од опозицискиот табор порачаа дека ќе продолжат да се борат за вистинска демократија и за европската иднина на Македонија.






