Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ официјално го распиша Конкурсот за доделување на ова највисоко државно признание за 2026 година, соопштија од Министерството за култура и туризам.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности кои се од особен јавен интерес за државата. Од Министерството информираат дека наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава. Дополнително, под условите кои се прецизно определени во Конкурсот, ова престижно признание може да се додели и на странски државјани, екипи и институции од странство кои имаат придонес за јавниот интерес на државата.
Конкурсот ќе биде отворен точно еден месец, односно аплицирањето ќе трае од 1 до 30 мај 2026 година. Целосниот текст на конкурсот, како и образецот за пријава, се веќе достапни за преземање на официјалната веб-страница на Министерството за култура и туризам.







