Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Кичево, информираше за напредокот на клучните патни инвестиции, со посебен фокус на автопатот Кичево-Охрид, кој се очекува да биде завршен најдоцна во првиот квартал на 2027 година, како и на позитивните случувања на делницата Гостивар-Букојчани.
Во изјава за медиумите, премиерот потсети на неодамнешната посета на новинарите на градежните активности, истакнувајќи дека во делницата Кичево-Охрид се инвестирани повеќе од една милијарда евра. Тој изрази очекување за нејзино финализирање не подоцна од првите три месеци на 2027 година, нагласувајќи дека станува збор за проект кој бил „заборавен и уништен“ од претходните власти. Мицкоски додаде дека се разгледува можноста конечно да има и одговорност за таквата состојба.
Што се однесува до делницата од Гостивар до Букојчани, Мицкоски соопшти дека реализацијата е во напредна фаза. Тој потенцираше дека приближно половина од планираните триесетина километри се веќе пробиени, а целосно се заокружени и имотно-правните односи. Ова, според него, му овозможува на изведувачот да работи интензивно и да го заврши и овој дел од автопатот.













































































































