Денеска во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа прес-конференција на која беше најавено годинешново 52. издание на Фестивалот за народни инструменти и песни (ФНИП) „Пеце Атанасовски“. Според информациите од организаторите, реномираната манифестација за негување на изворниот мелос ќе се одржи на 22 и 23 мај на две локации – во Прилеп и во Долнени.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано за утре од 18 часот пред Камената бина на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп. Втората фестивалска вечер ќе се реализира в сабота, исто така со почеток од 18 часот, на локалитетот Рудина во општина Долнени.
Организаторите нагласуваат дека се подготвени и за алтернативни сценарија доколку временските услови бидат несоодветни. Во случај на врнежи, првата фестивалска вечер ќе се одржи во киното „Мис Стон“ при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, додека саботната програма ќе се премести во затворената сала во Долнени.
Претседателот на фестивалот, Горан Василески, говорејќи за програмата, посочи дека и годинава продолжува традицијата на масовност и зачувување на автентичниот фолклор. На овогодинешното издание се очекува да настапат околу 250 учесници од сите генерации, кои доаѓаат од сите краишта на Македонија. Покрај домашните изведувачи и почитувачи на изворната песна и инструмент, најавено е и присуство на гости и нашинци од странство.







































































































