Министерството за транспорт подготвува законски измени кои ќе овозможат организирана изградба на дата-центри во земјава, како одговор на глобалните технолошки трендови поврзани со развојот на вештачката интелигенција. Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најавувајќи дека измените се веќе во завршна фаза.
Според Николоски, станува збор за интервенции во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Целта е државата да води, како што рече тој, „паметна политика“ за привлекување на странски инвеститори кои би граделе големи дата-центри.
Процесот на урбанизирање и градба на ваквите центри е планирано да се води централизирано во рамките на Владата. Идејата е институциите да имаат веќе подготвени локации и проекти кои веднаш ќе им бидат понудени на потенцијалните инвеститори кога ќе дојдат во земјава.
„Со развојот на вештачката интелигенција и целосната револуција што му се случува на светот, дата-центрите стануваат нивна неопходност и поддршка. Тоа ќе значи стотици милиони евра за Македонија, нови вработувања и раст на бруто-домашниот производ (БДП)“, истакна вицепремиерот Николоски.
Со овие чекори, надлежните очекуваат Северна Македонија да стане конкурентна дестинација за технолошките компании, следејќи ја светската револуција во сферата на вештачката интелигенција.







































































































