Премиерот, Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања истакна дека во јуни нема да има ново задолжување на државата, спротивно на тврдењата на опозицијата. Правејќи економска компарација меѓу владеењето на претходната и сегашната влада, Мицкоски се повика на официјалните податоци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за да докаже дека актуелниот економски модел креира многу поголема додадена вредност во однос на долгот.
Премиерот во својата анализа свесно ги исклучи 2017 и 2024 година како „споделени години“ на пренос на власта и направи паралела меѓу периодот на СДСМ-ДУИ (2018–2023) и претпоставките за периодот на актуелната коалиција (2025–2026).
Анализа на јавниот долг и нето-задолжувањето
Според бројките на Министерството за финансии и ММФ кои ги презентираше премиерот, претходната власт на 1 јануари 2018 година ја презела државата со јавен долг од 4 милијарди и 787 милиони евра, а го завршила периодот на 31 декември 2023 година со долг од 8 милијарди и 477 милиони евра, што претставува нето-задолжување од 3,69 милијарди евра за шест години.
За актуелната Влада (ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ), почетната позиција на 1 јануари 2025 година изнесувала 9 милијарди евра јавен долг. Мицкоски ги отфрли претпоставките на опозицијата дека долгот ќе достигне 11 милијарди евра, но посочи дека дури и во тоа сценарио, предвиденото нето-задолжување за две години би изнесувало 1 милијарда и 381 милион евра.
Креирање на додадена вредност преку бруто-домашниот производ (БДП)
Премиерот нагласи дека суштината на економијата лежи во додадената вредност што се креира со задолжувањето, а која се отсликува преку номиналниот БДП.
„Номиналниот БДП на први јануари 2018 година изнесувал 11 милијарди и 340 милиони долари. На 31-ви декември 2023 година изнесувал 15 милијарди и 860 милиони долари. Вкупно успеале за период од 6 години да додадат вредност од 4,52 милијарди долари, а државата ја задолжиле за 3,69 милијарди евра“, посочи Мицкоски за претходниот владин состав.
Од друга страна, за периодот на неговиот владин кабинет, тој ги презентираше следните параметри на ММФ и на Буџетот: номиналниот БДП на 1 јануари 2025 година изнесувал 16 милијарди и 950 милиони евра, а проекцијата за 31 декември 2026 година е тој да достигне 21 милијарда и 610 милиони евра, што претставува креирана додадена вредност од 4 милијарди и 660 милиони евра.
„Разликата меѓу нивните 6 години и овие две години е 140 милиони во корист на оваа Влада, а притоа таа се задолжила за една милијарда и 381 милион евра. Да поедноставам: додадената вредност за период од две години е поголема од таа за 6 години, а долгот е за речиси 2 ипол пати помал. Ова не го зборува Христијан Мицкоски, ова го зборува ММФ. Според ММФ, барем 2 ипол до 3 пати оваа Влада е поуспешна од претходната“, заклучи премиерот од собраниската говорница.









































































































