Владата на денешната 195. седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Општина Гостивар во времетраење од 30 дена. Како што соопштуваат од Владата, одлуката е донесена на предлог на Управувачкиот комитет, во чиј состав се министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи Тимчо Муцунски, за внатрешни работи Панче Тошковски, за здравство Сашо Клековски, за транспорт Александар Николоски, директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, како и повеќе надворешни членови и раководители на клучни институции, меѓу кои и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Од Владата посочуваат дека директниот повод за ваквиот чекор е неможноста на локалната самоуправа да се справи со настанатата вонредна ситуација со водоснабдувањето во градот.
„Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба сѐ со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок. Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем. Дополнително, очекуваме Јавното обвинителство да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот – одговорност мора да има за секој еден што го ставил во ризик здравјето и животите на гостиварчани“, соопштуваат од „Илинденска“.
Златко Перински именуван за в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување
На истата владина седница, на предлог на министерот за здравство Сашо Клековски, Владата донесе одлука за именување на доскорешниот министер за локална самоуправа Златко Перински за вршител на должноста директор на Фондот за здравствено осигурување.






