Арамиски концепт на владеење, лаги и милионски партиски тендери, тоа е начинот на кој владее и функционира власта на Мицкоски, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека најдобар пример за овој арамиски концепт на владеење е начинот на кој 5 милиони евра од државната Лотарија, народни пари се проневерени и потрошени за организација на прославата на независноста, а притоа не се знае ништо околу постапката и критериумите.
„Секој ден на виделина излегува по некоја нова лага на премиерот Христијан Мицкоски. Ова што се случи со проектот за прослава на независноста, како и во многу други сценарија и во други случаи, е една голема проневера на пари. Прво, лагата на премиерот, што веќе не е чудо, секој ден се разобличува по една негова нова лага, практично арамискиот концепт на владеење на оваа власт, а тоа е дека, како што тој изјави, за оваа прослава не биле потрошени ниту еден денар народни пари“, рече Филипче.
Филипче посочи дека лагите на власта не можат да се кријат бесконечно, бидејќи граѓаните ги чувствуваат последиците од лошите политики на Владата на ВМРО.
„Не може да се кријат лагите премногу долго време, може да лажете, да дојдете на власт, може на почетокот на мандатот да лажете за да останете на власт, меѓутоа тоа не може да го правите вечно, поради тоа што граѓаните знаат и се свесни, не се наивни и трпат од лошите политики на оваа власт“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ укажа дека има сериозни причини за сомнеж и побара одговорност за начинот на кој начин се трошат парите на граѓаните.
„Лотарија распишува јавен повик, не класична тендерска постапка, со што веројатно се прекршува Законот за спонзорство, затоа што кажува дека согласно тој закон е правена оваа постапка. Поканети се само домашни компании, не и странски, што би требало да биде во случај кога станува збор за толку многу пари, 5 милиони евра, и евалуација на целокупната постапка прави некоја комисија од надворешни членови. Ниту знаеме кои се тие луѓе, кои што одлучувале за 5 милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата која што го организирала настанот. При тоа, само неколку месеци претходно, таа иста компанија добила пари од Државна лотарија за некои други активности, никој не знае за кои и какви“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче нагласи дека додека граѓаните се соочуваат со раст на трошоците и сиромаштија, власта наместо да решава проблеми, троши народни пари и ги блокира процесите важни за државата.
„Зошто парите од дивидендата на Државната лотарија не се намениле за исплата на субвенциите на земјоделците? Зошто не се намениле за нешто во здравството? Зошто не се намениле за лековите кои што недостасуваат? Зошто не се намениле за подобрување на состојбата и инфраструктурата во некое училишта? Зошто не се намениле за зголемување на социјалната помош, за пакет мерки за загрозени категории и граѓани кои што мака мачат, крај со крај не можат да врзат во оваа криза кога горивото се плаќа повеќе од 100 денари? Зошто дел барем од парите не се намениле да се зголемат пензиите? Зошто барем дел од парите не се намениле да се зголеми минималната плата?“, рече Филипче.






