Амбасадите на Австрија, Германија и Швајцарија ги здружуваат силите за одбележување
на Деновите на германскиот јазик – едномесечна програма во Скопје, Тетово и Штип,
која опфаќа разновидни настани и активности посветени на германскиот јазик, културата
и јазичната разновидност.
Отворање во Скопје
Програмата ќе започне во понеделник, 28 септември 2026 година, со динамична вечер
на квиз и караоке, посветена на европските јазици, во Roosty во Скопје, со почеток во
19:30 часот. Водител на настанот ќе биде македонската пејачка Јана Бурческа, а ќе
учествуваат и други специјални гости од домашната музичка и забавна сцена. Настанот
ги поканува љубителите на јазиците и музиката да се соберат на вечер посветена не само
на германскиот, туку и на сите европски јазици и на јазичната разновидност на нашиот
континент.
Програмата во Скопје продолжува со час по готвење со амбасадорите на Австрија,
Германија и Швајцарија за учениците од угостителско-туристичкото училиште „Лазар
Танев“, како и со настап во живо на берлинскиот диџеј Ayū во Музејот на современата
уметност, во рамки на „Бела ноќ“ на 3 октомври. Ќе бидат прикажани и швајцарскиот
филм „Hallo Betty“ во Кинотеката, австрискиот филм „Moon“ за студентите на УКИМ,
како и германската продукција „Prange – Man ist ja Nachbar“, во присуство на актерот
Божидар Коцевски, роден во Северна Македонија, а кој живее и работи во Германија.
Дополнителни содржини во програмата се организираните обиколки на Скупи од
страна на Германскиот археолошки институт на 9 октомври, настапот на германската
стендап-комичарка Јана Џорџ, како и проект во Меморијалниот центар на Холокаустот
и работилница за театарски превод за студенти во Europe House Skopje.
Тетово и Штип
Деновите на германскиот јазик ќе допрат до публиката и надвор од главниот град. Во
Тетово ќе се одржат три настани: проекции на австрискиот филм „Moon“ и швајцарскиот
филм „Hallo Betty“, како и стендап-комедија со Јана Џорџ. Покрај тоа, германскиот
актер Божидар Коцевски ќе се врати во својот роден град Штип како специјален гостин
на филмската вечер на Универзитетот во градот.
Инклузивни настани и за оние кои не зборуваат германски јазик
Под мотото „Deutsch baut Brücken“ – „Германскиот јазик гради мостови“, програмата
обединува различни публики и формати, истакнувајќи го јазикот како средство за
културна размена, средби и поврзување.
Оние кои не зборуваат германски јазик ќе можат да уживаат во музичките настани, да ги
следат филмовите со превод и да учествуваат во одредени обиколки на Скупи на
македонски и англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.







