Српскиот бизнисмен Давор Мацура, сопственик на Алта банка и на деловна групација со значително присуство во Северна Македонија, е приведен во Белград во понеделник, 2 ноември. По налог на Јавното обвинителство за организиран криминал, одредено му е задржување до 48 часа, објави српскиот портал Нова.рс.
Информацијата ја потврдија неговите адвокати од канцеларијата „Спаховиќ“. Приведувањето следува по полициски претрес на просториите на Алта банка и деловните простории што ги користел Мацура, кој траел повеќе од 30 часа. Засега не се објавени конкретните кривични дела за кои е осомничен.
На 31 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград, поради сериозно влошување на финансиската состојба и загрозување на интересите на депонентите.
Според Н1, Обвинителството за организиран криминал уште на 27 октомври побарало информации за сите меѓународни трансакции на банката во претходниот месец.
Приведувањето доаѓа во период на политички превирања по изборниот пораз на Александар Вучиќ и Српската напредна странка, со кои Мацура со години се поврзува во српската јавност.
ЦИВИЛ МЕДИА уште на 29 октомври предупреди на сомнежите за забрзани финансиски трансфери кон Скопје и Москва по изборите во Србија. Во анализата од 31 октомври беше отворено прашањето за политичко-деловните врски на групацијата, институционалната одговорност и прекуграничните финансиски текови. Наводите за незаконски трансфери сè уште не се судски утврдени.
Аферата има непосредни последици и во Северна Македонија. На 1 ноември, Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола, со ограничување на одливите преку картички на 10.000 денари неделно. Гувернерот Трајко Славески соопшти дека од банката претходно биле повлечени околу два милиони евра.
Приведувањето на Мацура отвора нова фаза во аферата, но не претставува доказ за кривична вина. Клучните прашања остануваат: каде се движеле парите, кој ги одобрувал трансакциите и дали финансиската истрага ќе ги опфати и деловните врски со Северна Македонија.
ФРОНТЛАЈН ПРЕС







