Странката на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) побара неотповиклива оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради случувањата со Алта банка АД Битола и ограничувањето на пристапот на граѓаните до нивните средства.
„Случувањата со Алта банка АД Битола отвораат сериозни прашања за одговорноста на Народната банка и нејзиниот прв човек – Трајко Славески“, се наведува во соопштението на СДА Македонија.
Од партијата посочуваат дека граѓаните кои ги довериле своите заштеди на банка под надзор на домашните институции сега се соочуваат со ограничувања во располагањето со своите пари.
„Со неделен лимит од само 10.000 денари, тие се доведени во ситуација да не можат слободно да располагаат со своите пари“, нагласуваат од СДА Македонија.
Партијата смета дека надлежните институции не реагирале соодветно на предупредувањата за ризиците поврзани со работењето на Алта банка во Србија.
„И покрај навремените предупредувања и укажувања за сериозно нарушениот кредибилитет на Алта банка и ризиците поврзани со нејзиното работење во Србија, не беа спречени последиците што денес ги чувствуваат македонските граѓани“, се наведува во соопштението.
Поради сериозноста на случајот, според СДА Македонија, постои основа за политичка и институционална одговорност.
„Поради сериозноста на случајот, пропуштените можности за превентивно постапување, како и нарушената доверба на јавноста, бараме Трајко Славески да поднесе неотповиклива оставка од функцијата гувернер на Народната банка“, порачуваат од партијата.
СДА Македонија упатува критики и до премиерот Христијан Мицкоски и Владата, предупредувајќи дека мора итно да се преземат мерки за зачувување на довербата во банкарскиот сектор.
„Ако брзо не се поправат грешките од неодговорната политика на власта, последиците по граѓаните и државата можат да бидат катастрофални“, предупредуваат од СДА Македонија.
Во соопштението партијата го отвора и прашањето за политичкото влијание од Србија, потсетувајќи дека подолг период предупредува на негативните последици од концептот „српски свет“ за Северна Македонија. Од партијата тврдат дека ова влијание е нотирано и во последните два годишни извештаи на Европската Унија за земјата.
Барањето за оставка следува откако Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација во Алта банка АД Битола, со ограничување на неделниот одлив преку банкарските картички на 10.000 денари. Гувернерот Славески ја образложи интервенцијата како привремена заштитна мерка за интересите на штедачите и стабилноста на банката.
ФРОНТЛАЈН ПРЕС







