пишува: КРИСТИНА КОСТОВА
Теорија на заговор е тврдење или навод дека одредена група на моќни луѓе направиле заговор за заеднички да постигнат некоја (зла) цел.
Голем дел од теориите на заговор навистина не се за верување, особено затоа што се тврдења кои се спротивни на сите научно докажани факти.
Антинаучните теории на заговор се штетни за општеството во кое живееме. Најчесто се користат за создавање поделби во општеството по основа на етничка, верска, сексуална или каква било друга лична определба… А, некогаш ефектот од ширењето и верувањето во нив може да предизвика опасност по јавното здравје, како што тоа беше случајот пред една година, кога во Скопје беше предизвикана епидемија од морбили, затоа што некои родители не си ги вакцинирале децата бидејќи веруваат во теоријата на заговор дека вакцините се штетни.
Со интернетот, ширењето на теориите на заговор е многу брзо, многу голем број луѓе се изложени на истите, па затоа тие можат да имаат силно влијание врз однесувањето на луѓето. Тоа е особено видливо периодов, во екот на пандемијата на COVID-19.
Се наоѓаме во една бизарна и по малку страшна ситуација без преседан, кога на човештвото му е одземена удобната замаеност предизвикана од предвидливоста на предусловените реакции и теркот на живеење што ни го налага системот.
Кога се чини дека светот е превртен наопаку, верувањето во одредени „забранети знаења“ нудат некое чувство на сигурност или контрола, колку и да се тие бесмислени. Некои луѓе учествуваат во ширењето неосновани и очигледно неверодостојни тврдења за да ги прикријат чувствата на збунетост и беспомошност.
Антинаучните теории на заговор не се ексклузива на неписмените. Напротив, тие „виреат“ кај многумина што поминале години и години во образовен процес, добар дел од нив и високообразовани. Затоа и запрепастува што токму такви луѓе имаат такви фундаментално погрешни ставови. Имајќи ги предвид сите знаења кои со нив биле споделени само во текот на нивното основно и средно образование, овие луѓе како да сакаат да бидат изманипулирани. Како да сакаат да веруваат во глупости. Како да го прават тоа за да си ја задоволат потребата да бидат посебни, уникатни, за да се убедат себеси дека се попаметни од другите само затоа што се поинакви. Како да се вклучени во една глобална одмазда поради фрустрациите за својата просечност.
Пандемијата донесе наплив од стотици нови антинаучни теории на заговор, некои глобални, некои локални. Се оди од општи тврдења дека коронавирусот не ни постоел, ама и дека е „обичен грип“; дека е предизвикан од 5G предаватели, ама и дека е изговор за поставување на истите тие 5G предаватели; дека е измислен од Бил Гејтс за да му било лесно да го чипирал човештвото преку вакцини. Потоа, тие продолжуваат да се шират регионално.
Во САД, самиот Трамп го „пречека“ вирусот со јавно повторување на теориите дека „ова е само грип,“ „ефективна ќе биде и обичната вакцина за грип,“ за да продолжи со онаа од пред неколку дена, дека „треба да се најдат начини да се инјектираат дезинфициенси во човечки организми.“ Откако за секоја бесмисленост беше брзопотезно демантиран од страна на научната јавност, неговото опкружување ретерира или релативизира, но штетните информации се пуштени да циркулираат во јавноста и нема начин да се спречат различните начини на нивно толкување. Па, затоа деновиве гледаме како сите компании кои произведуваат дезинфициенси ги предупредуваат корисниците да не ги пијат нивните производи, а гледаме и дека само во САД значително пораснал бројот на труења откако многу луѓе го послушале Трамп и си инјектирале или се напиле дезинфициенс.
Кај нас, пак, има неколку антинаучни теории на заговор поврзани со пандемијата, како на пример онаа дека „ги немало ластовичките,“ или пак за повторно засилување на една постара теорија на заговор, онаа дека овде ќе се населувале мигранти. Следејќи го трагот на медиумските дистрибутери на теоријата со ластовичките, се покажа дека истата е поврзана со создавање (или засилување на) анти-НАТО сентимент во деновите околу официјалното зачленување на Република Северна Македонија во Алијансата. Теоријата за мигрантите, пак, не ја слушаме првпат, а и овој пат е пуштена со јасна цел за ширење ксенофобија, создавање поделби, немир и недоверба, но и создавање платформа за манипулација, а во корист на одредени структури.
Особено загрижува кога етаблирани и препознатливи општествени субјекти шират антинаучни теории на заговор, без разлика дали станува збор за локални медиуми, претседатели на здруженија (на приватни лекари, на пример) или т.н. „лидер на слободниот свет.“
Чувството на сигурност и контрола што го даваат теориите на заговор е илузорно, но штетата за јавноста е вистинска и разорна. Само затоа што може да се рационализира нивното постоење, тоа не може да служи како изговор за штетата која ја нанесуваат антинаучните теории на заговор.
Загрижувачки е што голем дел од нив се искористени за отворена пропаганда на одредени, не толку прикриени, структури на моќ. И во екот на светска пандемија нивната цел е ерозија на јавната доверба и подривање на здравствените и научните авторитети, како и контрола врз одреден дел од населението. Ваквите теории можат да ја продолжат, дури и да ја надживеат пандемијата.
Глупавоста не само што е штетна. Таа знае да биде и зла. Тоа го покажуваат позадините на спомнатите антинаучни теории на заговор, за кои секогаш се докажува дека се „пуштени“ за остварување на некоја од целите на автократски настроените групации.
Гореспоменатите теории на заговор кои се однесуваат на актуелната пандемија немаат научна основа, дури и се спротивни на логиката и научно докажаните факти. Тие се толку штетни, што сиот овој период СЗО, паралелно на борбата со COVID-19, постојано испраќа соопштенија за јавност за да го спречи ширењето на дезинформациите. Од демантирање на веста дека лук и ракија можат да го спречат вирусот, преку разбивање на митот дека немате коронавирус ако можете да го држите здивот повеќе од 10 секунди, до објаснувања дека ниту еден вирус не може да „патува“ преку радио бранови или мобилни мрежи… Сите тие се официјални соопштенија од СЗО, организација која ја менаџира борбата со вирусот на светско ниво, а во меѓувреме се занимава со обиди за отфрлање на очигледни лаги. Тоа е трошење време и ресурси кои може да се искористат во борба со пандемијата. Наместо тоа, светот денес се бори и со инфодемија.
Луѓето можат да бидат измамени со тоа што веруваат во она што не е вистина, но исто така можат да бидат измамени така што нема да веруваат во она што е вистина. Второто е главниот проблем кој го претставуваат антинаучните теории на заговор, особено во овој период, кога е потребно следење на насоките од надлежните здравствени институции и експерти.
Секој има право на свое мислење, но никој нема право на свои научни факти.
Борбата со инфодемијата започнува на индивидуално ниво. Секој мора да ги отфрли бесмислиците, колку и тие да прават да се чувствува како сезнајко и попаметен од докторите и научниците. Науката и фактите образложени од докажаните експерти се единствените валидни тврдења по кои треба да се водиме.