Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски одржа прес конференција, откако во јавноста се појавија снимки од разговори на лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија автентичност ја потврди и Зоран Милески Кичеец.
Вистината денеска силно излезе на виделина, граѓаните на крајот дознаваат се. Потопени се сите лаги на ВМРО – ДПМНЕ кои упорно една година се пласираат од скапиот бел дворец за случајот познат како „Рекет“. Граѓаните денес слушнаа како Мицкоски имал средби, разговори и директна соработка со Кичеец, сега веќе осудено лице.
Значи, Мицкоски ја лажеше целата јавност дека немал никакви средби. Кичеец бил извршител на Мицковски, односно обработувал за ВМРО ДПМНЕ. Активно ја помагал партијата и работел во функција на ВМРО – ДПМНЕ. Мицкоски го ангажирал Кичеец во изборни цели за претседателските и локалните избори во Охрид во 2019 година.
Оваа снимка освен што ја потврдува вистината може да биде основ и за постапки поврзани со изборен криминал, рече Николовски на денешната прес конференцијата од седиштето на Социјалдемократскиот Сојуз.
Симона М. Живкова