Агенцијата на фармери на Франција соопшти дека винариите во земјата одлучиле виното кое им стои непродадено да го претворат во гел за раце и етанол, за да отворат простор за новото производство годинава, стои во текст на Гардијан.
Потребно е дестилирање на речиси 3 милиони хектолитри вино заради намалената продажба на производот заради кризата настаната од коронавирусот.
Затворањето на баровите и рестораните имаше силен удар врз производството на вино во Франција, но и во светот. Влошените услови за извоз во САД по воведување на казнените тарифи од 25% од страна на администрацијата на Трамп во октомври 2019, дополнително се искомплицираа со ширењето на вирусот Ковид-19 низ светот.
Од петокот, 33 преработувачи на вино добиле дозвола да соберат 2 милиони хектолитри непродадено вино и да го трансформираат во етанол или хидро-алкохолен гел за да имаат место во винарските визби за престојната сезона на производство на вино.
Ваквата несекојдневна мерка е одобрена и од Брисел, а ЕУ ќе ја финансира дестилацијата, додава агенцијата.
Винопроизводителите имаат рок до 19 јуни да аплицираат за мерката и да потенцираат колку вино планираат да преработат. За секој хектолитар ќе бидат платени по 78 евра за вина од специфични региони и 58 евра за вина неповрзани со географско потекло.
Слично на Франција, и Шпанија и Италија воведуваат мерки за да се справат со големите залихи на вино и уништуваат младо грозје.
Алкохолот добиен од овој процес на дестилирање ќе биде употребуван во фармацевтската и козметичката индустрија, но и за производство на гелови за дезинфекција.
A. Н. С.