Родилката која при прием на Клиниката за гинекологија, а потоа и во приватната болница „Ремедика“ криеше дека член на семејство е позитивен на КОВИД-19, си заминала од Инфективната клиникa по нејзино барање. Таа по породувањето беше примена на лекување на Инфективната клиника бидејќи и самата заболела од КОВИД-19, објави САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од Министерствот за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека денеска родилката побарала да си замине на домашно лекување и од Клиниката ѝ е издадено отпусно писмо.
„Пациентката е стабилна, во добра здравствена состојба. На нејзино барање се испишува од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Информиран е Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Целото семејство ќе биде во изолација“, велат од Министерството за здравство.
Денеска на Клиниката за гинекологија беше украдена нејзината изјава во која потпишала дека немала контакт со позитивен на КОВИД-19. Директорката Викторија Јовановска ни изјави дека некој го украл само тој лист од нејзиното досие, дури се гледа и како тој документ е насила истрган и затоа повикала полиција за да види кој влегол без дозвола во канцелариите каде се чува медицинската документација.
Извор: САКАМДАКАЖАМ.МК