Одредени членови од Договорот од Преспа се поврзани со отворањето на поглавјата во процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за „Јуроњуз“ на грчки јазик, пренесе МИА.
Заев објаснува дека позитивниот одговор од Унијата за почеток на преговорите ќе значеше мотивација за Северна Македонија и Албанија да продолжат по вистинскиот пат.
– Постои поврзаност меѓу спроведувањето на договорот и отворањето и затворањето на поглавјата за интеграција. Особено за внатрешна употреба за некои случаи. Постои поврзаност, бидејќи нашите пријатели Грците прифатија дека можеме да го сториме тоа поради иднината што Северна Македонија ја има во Европската Унија. И во овој контекст, не постои можност за имплементација на Договорот од Преспа. Дел од него ќе се замрзне, бидејќи не е можно негово спроведување. Ќе се обидеме да имплементираме некои одредби, но двете се меѓусебно поврзани, бидејќи процесот на ротација на поглавјата значи дека ќе го предадеме нашиот национален суверенитет на Европската Унија, вели Заев.
Премиерот во интервјуто истакнува дека за земјава не постои друга алтернатива освен ЕУ и дека европската перспектива е единствениот пат.
– Ако светлата од ѕвездите на знамето на Европската Унија се изгасат тогаш ќе падне мрак. А во мрак ќе се изгубиме. Затоа што, доколку има позитивен терен за радикализација, за враќање на национализмот, тоа ќе предизвика голема штета на целиот Балкан. И кога Балканот има проблем, тогаш Европа ќе има проблем, истакнува премиерот во интервјуто за „Јуроњуз“ на грчки јазик.
Интервјуто на премиерот Заев предизвика низа реакции во грчките медиуми.
Господинот Заев уште еднаш ги искористи проблемите што ги содржи Договорот од Преспа, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во однос на интервјуто на премиерот на Северна Македонија.
Во писмената изјава објавена од неговата политичка канцеларија, шефот на грчката дипломатија вели дека Грција има за цел преку европскиот пат да ги реши проблемите и да ги ублажи негативните последици од договорот и додава дека тие ќе продолжат тесно да го следат „целосното исполнување на обврските на соседите“, jави дописничката на МИА од Атина.
-Господинот Заев уште еднаш ги искористи проблемите што ги содржи во Договорот од Преспа, кои што ги знаевме и за кои предупредувавме. Договорот веќе даде резултати и Северна Македонија ги користи бенефициите бидејќи е отворен патот кон НАТО. Нашата цел е преку европскиот пат да ги решиме проблемите и да ги ублажиме негативните последици од договорот. И за таа цел, ние ќе продолжиме тесно да го следиме целосното исполнување на обврските на соседите, пишува во изјавата на шефот на грчката дипломатија.
Дендиас паралелно ја повикува опозициската СИРИЗА „конечно да размисли за нејзината одговорност за дефицитното ерга омнес“ и додава дека Грција со одговорност и самодоверба се враќа на водечката улога на Балканот и во поширокиот регион на источниот Медитеран.