Премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања најави електричен трамвај во главниот град Скопје.
Целиот проект според него би чинел околу 100 милиони евра.
„Намерата на Владата е да повлече кредитна линија во 2020 година, а постапката да ја почне уште сега за да може да се заврши целата тендерска состојба во текот на зимскиот период и за да може градот Скопје да влезе во имплементација и реализација на проектот за електричен трамвај. Се надеваме дека тоа може да го направиме од Ван Хол кој ги произведува овде, но секако постапката согласно јавните набавки е јасна”, изјави Заев.
Во одговор за мерките против гасификација, премиерот Заев зборуваше и за проектот за гасификација. Тој објасни дека до сега 83 % од предвидените планови за гасифиакција се реализирани за оваа година.
„Се работат двата главни коридори, Коридорот Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола и другиот Коридор Скопје-Тетово-Гостивар. Паралелно се завршуваат постапките за експропријација за Струга-Кичево. Сите општини добија налог да ги работат главните проекти, така и Градот Скопје. Од поголемите градови повеќе од 50 проценти веќе имаат изработено главни проекти со конечна цел да се отвори дебата кој модел ќе се спроведе за гасификација. Гасифицирани градови се Струмица и Куманово”, одговори Заев.
Во десетина најголеми општини во земјава премиерот Заев очекува дека следната година ке се отпочне со изградба на секундарни и терцијални гасоводни системи.
Арбен Зеќири