пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Насилството е недозволиво во демократско општество. И физичкото, но и вербалното насилство, омразата, плукањето и клеветењето, оркестрираните хајки кон луѓе, само затоа што некому не им се допаѓаат нивните ставови и размислувања. Но, за жал, во нашето општество, подолго време се негува култура на неказнивост. И на физичкото, и на вербалното насилство, кое него го индуцира, продуцира и нормализира.
Со години, сведоци сме на разни напади, и кон медиумите и новинарите, кон други влијателни гласови во јавноста од повеќе области, но и кон луѓе кои воопшто не се јавни личности а искажуваат нивни ставови. Многу од овие хајки во медиумскиот свет потоа се прелеваат и во реалноста. Бевме сведоци на многу физички напади, плукања, сачекуши… А казни за овој незаконски и недемократски однос – речиси и да нема. Тоа не може да продуцира ништо добро, туку само повеќе насилство, гушење на демократијата и доминација на насилниците.
Долго време, пропагандистите на одредени центри на моќ се главни поттикнувачи и создавачи на јавна поддршка за ова насилство. Се чувствуваат моќни и безбедни додека тие плукаат луѓе, а масата заслепени од омраза аплаудира. Се до оној момент, кога ќе се смени ставот. Тогаш, плукачот станува плукан, газдата ќе најде секогаш нов плукач, а масата мразачи ќе аплаудираат, среќни што не се на местото на плуканиот.
И повторно ќе се вратам на милион пати цитираниот германски бискуп: Ако молчите кога ги плукаат и тепаат едните, вторите, третите, кога ќе дојдат по вас, ќе нема кој да викне во ваша одбрана. Со такви искуства сега се соочуваат некои плукачи, чии плуканици не се допаѓаат на нивните довчерашни газди.
Но, вистинско демократско општество ќе застане дури и во нивна одбрана. Затоа што има начини како некој ја истерува правдата во демократска држава – преку суд и преку демократска дебата, а не преку ќотек и плукање. Затоа што утре насилниците ќе тропнат и на вашата, на сечија врата.
Се надевам дека нашето општество ќе ја научи лекцијата и ќе се бори да ја елиминира неказнивоста на насилството. Доста ни беа години плукање, ако не умееме ниту да седнеме човечки да разговараме, тешко до подобра иднина. Досега, се обидувавме да наоѓаме решенија со проблемот и плукачите на маса. Замислете, проблемот одлучува дали да се реши самиот себе. А, што помалку насилници и плукачи на масата на која се одлучува и дебатира за нашите суштински проблеми, толку повеќе шанси да дојдеме до решенијата за таа иднина.
#SledeTene
#LiveFromTheCrystalBall