Во Собранието на Република Северна Македонија почна првата седница на новиот парламентарен состав која се одржува во салата Голема купола согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери. На почетокот на седницата беше интонирана химната.
Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието.
Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.
Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.