Охридската група Камелеон или Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски по супер успешната прослава на 20-годишнината од постоењето на бендот, заедно со уште многу гости и пријатели, на 16-ти август, со почеток во 18:30 часот, на Градското пристаниште во Охрид ќе одржат голем концерт, кој, според најавите ќе биде вистинско музичко задоволство за сите.
За нив велат дека се вистински охридски бенд – по срце и душа и дека најдобро го отсликуваат сензибилитетот и музиката која се негува во овој град во кој „секогаш се слушала најдобрата музика“.
– Следејќи ги насоките и високите стандарди кои ги постави групата наназад низ годините, огромно внимание е посветено и на сценскиот изглед и секако звукот, па ветуваме дека ќе имаме вистинско аудио-визуелно уживање за сите посетители. Во самото срце на градот, очекувајте „концерт на вода и музика за душа“. Проверената охридска екипа, потпомогната од Камерниот оркестар од Битола, хорот Vox Lychnidos, Ѓоко Танески, Жармена и Горан Папаз ветуваат забава која долго ќе се памети, порачуваат организаторите.
На концертот ќе настапи и 23-годишниот студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје Теодор Љушкоски, кој од 2017 година е студент и на Факултетот за музичка уметност во Цирих. Од септември Теодор ги продолжува магистерските студии во Цирих, на отсек кларинет.
Организаторите додаваат дека концертот ќе се одржи согласно сите важечки протоколи за одржување на јавни настани.