Стотици згрижувачки и друг персонал од приватните градинки ќе остане без работа, илјадници деца ќе бидат незгрижени, а приватните градинки затворени ако државата не помогне – алармираат од Асоцијацијата на приватни установи за деца ПОЛЕТ, пренесе Телма.
Пандемијата ги погоди речиси сите бизниси, но според членовите на Асоцијацијата, Владата различно ги третира државните и приватните установи за згрижување деца. Станува збор за триесетина градинки на кои им се заканува затворање.
За датум за отворање на градинките се чека официјална одлука од Министерството за труд и социјална политика, а Комисијата за заразни болести пред десетина дена одобри тие да започнат со работа.
Во меѓувреме, од ресорот под чијашто капа се установите за згрижување на деца, за Телма кажаа тие немаат надлежност да носат одлуки за субенционирање на плати туку Владата утврдува кои категории на лица и правни субјекти ќе добијат финансиска помош и поддршка за своето работење.