пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ова е еден мал политички In Memoriam за една политичка кариера, која и не е толку кратка, за да се каже дека протагонистот на оваа кратка приказна е неискусен. Напротив, само беше длабоко скриен во коридорите на моќта, но никогаш не бил сосема неважен. Не е баш некој Мартин Борман, ама некако стаса на тронот (Груевски го постави) и се одржува на него, еве три години. Лошо, несмасно, ама се одржува. Но и на тоа му дојде крајот. Му преостанува уште некоја недела, пар месеци и… толку. Ciao Razgazzi. Нека е жив и здрав, тоа е најважно. И онака не го бива за оваа работа. Дури и едно вемеро не заслужува толку неспособен шеф.
Не е новост тоа што никој не го игра, не само за влада, туку и за многу други работи… Не е изненадување ни тоа што реши да каже дека никогаш и не разговарал со Ахмети за составување влада. Гревче, на таа тема со никого не разговарал, не затоа што не сакал (многу сакал!), туку затоа што никој не сакал за тоа ни да отвори муабет со него. И да го затвориме ова прашање. За ова не вреди човек ни да се смее.
Ни оддалеку не е доблест ни тоа што, дури седум дена по конституирањето на парламентот, призна пред камерите дека тој, „апсолутниот победник“ на изборите (што ли е дефиниција за поимот „апсолутен“ за математичаров) во ниеден момент не бил ни блиску до ситуација да разговара за составување на влада. Од „шпицен кандидат“ до тотален аутсајдер и лузер. Не, не е доблест тоа што призна, затоа што претходно излажа.
Гледајќи ја јавноста во очи, „народот свој“ – излажа. Како и многу пати пред тоа. Толку пати излажа до сега, што ова веќе и не му се брои. Навистина, кога ќе помисли човек, лесно, премногу лесно се преоѓа преку сè што ќе каже и тој и целата таа тајфа што остана по Груевски. Како големи, мрсни лебарки што ги напаѓаат обилните остатоци од богата и дива гозба на разбојници…
Сè што ќе кажат, сè што ќе направат, тоа се прифаќа како нормално, во смисла „па друго и не се очекува од нив“… Но, да го затвориме и тоа прашање, барем за миг, па да се вратиме на „шпиц јунакот“. Призна дека никој не го игра, а призна и дека излажал. Не престанува да повторува, ни кога е тотално посрамотен, дека е апсолутен победник. Како автохипноза, што ли?
Што ќе се случува со партијата сега? Голема и богата си е таа, што не поминала, па не ова…
Ќе го проголта партиската историја за миг и низ длабоко и влажно ждригање ќе го исфрли заедно со уште неколку академски и криминални отпадоци на брегот на одводниот партиски канал. Еден дел од нив (веројатно куртоните) ќе преживеат, бидејќи тие на сите им требаат.
Можеби деновиве или месециве ќе се навратам пак на оваа честопати урнебесно смешна кариера, да се насмееме. Но и да се потсетиме што сè би требало да биде предмет на истрага, а не било до сега, и што сè е симптом на болеста на општеството и системот. Толку, да го ставиме ад акта сега, и ова беше премногу внимание за него.
Туку, владата се крчка. Колку и да е тоа радосна вест, нема да биде тоа лесна задача, со апетитите на сите кабадаии размавтани со политичките фактури поголеми и од нивните способности и од етничките бајраци… Нека ни е со среќа.
ПС. Ви посакувам убав ден со Седумте смртни гревови на средната класа од Курт Вајл и Бертолд Брехт.