ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ОПШТЕСТВО

Печуркарот греши само еднаш

Печурките како жените, колку поубави, толку поотровни

August 27, 2020 08:02
in ДЕНЕС, ОПШТЕСТВО
Share on FacebookShare on Twitter

Истур габи има деновиве на планината Серта, врие од габари, вели неготинецот Митко Василев, долгогодишен планинар и печуркар. Тој појасни за МИА дека одамна Серта не била така накитена со печурки, како годинава, во овој период од годината. Дождот и некои други причини се поклопиле, па годинава се родиле повеќе од вообичаено.

Сите печурки се јадат, ама некои само еднаш

Минатата седмица биле во потрага по печурки и пронашле само едно мало врганче и ливадски шампињони. За три дена, инвазија. Кажа дека најмногу ги има летниот и црниот врган.

-За јајчарката или калинкарка (црвената), можам да кажам дека и неа ја има многу, што обично е реткост на оваа наша страна на планината Серта. Од другата страна каде што се селата Гарван, Загорци, Скоруша, повеќе ги има, како и секогаш. Врие овде од габари, доаѓаат да берат габи и од други краеви на државата. Јас си набрав доволно за наши домашни потреби, да си зготвиме неколку пати свежи, но и ќе замрзнеме некое кило за зимница, па ќе дегустираме и ќе се сладиме и во текот на зимата со домашна неготинска ж’та или квалитетно вино. Всушност, долги години берам габи, ама никогаш не за продажба. Не сум заработил ниту денар од нив, секогаш берам за наше лично задоволство. За фамилијата. Затоа што знаеме дека се работи за здрава храна. Во шега се нарекуваме спортски габари, затоа што габарството ни е како хоби, како спортска активност во слободното време, истакна Василев, кој собира печурки четириесетина години.

Тој апелира да се внимава за да не се згреши, бидејќи има отровни печурки речиси идентични со оние јадливите и можат да бидат веднаш до нив.
Се потсетив на денот кој пред петнаесетина години го поминав со собирачите на габи на планината Серта.

-Сите печурки се јадат, ама некои само еднаш, ми рече тогаш на шега страсниот љубител и собирач Лазо Арсов, сега починат.

Печуркарите сакаат и да се шегуваат, понекогаш и на своја сметка.

– Ние во Тиквеш печурките ги викаме габи и знаеме дека габарот греши само еднаш. И никогаш повеќе, продолжи Арсов.

Габарите ги користат слободните моменти за берба на плодовите што бесплатно им ги дава природата, а некои од нив упорно трагаат по најскапата печурка во светот, тартуфот.

Печурките како жените, колку поубави, толку поотровни

– Печурките се како жените. Колку се поубави, толку се поотровни, се шегуваше тогаш Лазар Витановски, планинар и печуркар.

Витановски сега има четиридецениски печуркарски стаж. Првата печурка ја пресекол додека бил војник во специјалната единица на некогашната ЈНА.

– Пријателите во почетокот не јадеа печурки. Но, гледајќи не нас дома како лапаме, им потекуваа лиги, па се фаќаа и тие за вилушките. Сега многумина од нив јадат повеќе и од нас, го продолжи тој мајтапот, додека на топлото сонце ги пребарувавме падините на планината Серта.

Еднаш, раскажа тој, им дошле гости и како добар домаќин ставил на масата пржени печурки. Гостите се колебале дали да каснат. Кога веќе го надминале стравот, прашале кој му бил учителот што го научил да ги распознава печурките.

– А бе, сите што ме учеа умреа од отровни печурки, се пошегував јас, а на гостите печурките им застанаа в грло, раскажа Витановски.

Друг пат имале “важни гости” од Скопје на кои им приготвувале печурки во природа, на Кожуф. Гостите прашале за колку време дејствува евентуалниот отров од печурка, а домаќините одговориле дека обично тоа се случува за околу десетина минути. Па, предложиле тие како специјалисти за печурки први да пробаат од подготвеното, па дури по десетина минути и гостите да каснат. Така и било.

– Арно ама, по некое време им велам: Заборавив да ви кажам дека некои од отровните печурки, сепак, почнуваат да дејствуваат по два дена. А има и такви што може да направат беља и по 15 дена. Сите ги смрзнаа фаците, се присети тој.

Печурките се највкусни на немиена ќерамида на Кожуф

Подоцна, додаде неговиот пријател планинар и печуркар Фено Наков, ни се јавија високите гости од Скопје и велат дека истиот вид печурки што им ги пративме за дома, ги приготвиле, ама не биле вкусни како на Кожуф.

– А направиле се како што треба. Дури нашле и ќерамида за да ги печат на неа, демек за шмек. Ги прашувам јас дали случајно ја измиле ќерамидата, тие велат да. Е, тоа е работата, велам јас, никако не требало да ја миете. Таа на Кожуф никогаш не е миена, затоа печурките толку многу ви се допаднале, рече Наков.

Тој се присети кога пред 40 години првпат набрал печурки. Ги однесол дома и со сопругата Цвета, размислувале кој прв да ги проба.

-Јас во тоа време бев во одбраната и имав плата од околу 1.000 тогашни германски марки, таа наставничка, со околу 400. Па, ми вели, дај јас прва ќе пробам, ако се отровни ти остани жив оти си со поголема плата, со насмевка раскажуваше тој.

Ни откри дека секогаш кога некому приготвува од собраните печурки или пак подарува од нив, како по некое непишано правило, самиот тој, прв пробува. Ми кажа дека освен што се здрави, најголем дел од габите се и афродизијаци.

По толку шеги, редно беше да чуеме нешто и сериозно.

– Береме различни сорти. Оние што се жолти како сонцето се викаат медовки. Тие се предвесници на мразот и на зимата. Штом набереш медовка, знај дека отприлика за десетина дена, ќе фати мраз. Оние за кои не знаеме како се викаат самите ги нарековме лутки оти налутуваат и имаат вкус на лута чушка, објасни тој.

Моите соговорници тврдат дека отровните печурки обично ги нема кога е ладно. Но, кога е многу топло, отровни печурки има во изобилство. Според хрватска литература, во земјава имало околу илјада вида печурки. Но, нашите „шерпаси” се сигурни само во триесетина вида печурки што ги берат. Сомнителните ги заобиколуваат и не сакаат да експериментираат./МИА/.

Next Post
GrigorukPhoto.com

Продолжуваат протестите во Белорусија, приведени 20 демонстранти

Shortcut

Најново

Постизборен Израел: Нетанјаху без мнозинство, опозицијата поделена

October 28, 2026
Суми, Украина, 27 октомври 2026 (ДСНС)

Студот и темнината како оружје на агресорот – Комисија на ОН утврди воени злосторства и злосторства против човештвото во нападите врз украинската енергетика

October 28, 2026
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, прогласи највисок степен на терористичка закана (РТС)

Србија прогласи највисок степен на терористичка закана по нападот пред израелската амбасада во Белград

October 28, 2026

Злато и бронза за македонската репрезентација на Балканското СХ првенство во Романија

October 27, 2026
Топлина за Украина

Топлина за Украина: Да помогнеме амбуланта близу фронтот да добие генератор

October 27, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Никола Спасов

    Пропагандата што го одржуваше Вучиќ на власт на крајот и го порази

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Моника Тасевска, сексуална работничка: Не ги продаваме телата, продаваме сексуални услуги, тие што плаќаат не нè поседувaат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Сини зони, рамна Земја и целиот свет против нас: кога митот станува државна политика

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ЦИВИЛ МЕДИА со интензивно известување за изборите во Србија: Теренски извештаи од Белград, видеосведоштва, анализи и ексклузивни изјави

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ВУЧИЌ ПАДНА: Студентска победа, крај на 14-годишната доминација на СНС – што е следно за Србија?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk