Пензионирање со докуп на стаж или со намалување на пензијата максимум пет години пред исполнувањето на старосниот услов и минимална пензија од 10. 700 денари. Укинување на персоналниот данок на доход за IT индустријата до 2023-та. Фирма ќе може да се основа со влог од едно евро без фирмарина за две години. Ова е само дел од Програмата на Владата од 54 страници, пренесе Телма.
„Стапката на невработеност за време на кризата на невработеност за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а потоа ќе ја намалуваме за 3% годишно. За таков динамичен раст ќе обезбедиме директна поддршка од 300 милиони евра од домашните буџети и алокација на 300 милиони евра од ЕУ фондови. Секоја година, домашните компании ќе добиваат за 25 % поголема поддршка во однос на претходната“, пишува во Програмата на идната Влада.
Идната Влада се обврзува да ја задржи минималната плата на 14.500 денари за време на здравствената криза, а потоа да ја зголеми за 20 до 40 отсто, додека просечната плата до 2024-та треба да биде дури за една третина поголема. За четиригодишниот мандат се планира раст на економијата од 4 проценти и странски инвестиции од најмалку една милијарда евра.