Британскиот уличен уметник Бенкси финансира брод за спасување бегалци кои од северна Африка пробуваат да стигнат до Европа, открива Гардијан.
Бродот кој го носи името Луиз Мишел, по француска анархистка и феминистка, тајно тргна од пристаништето Буриана во Шпанија, близу Валенсија, и веќе е на средината на Средоземното Море каде спаси 89 луѓе во опасност, вклучувајќи и 14 жени и 4 деца.
Сега бара безбедно пристаниште каде да ги однесе патниците или да ги предаде на Европската крајбрежна стража.
Тимот од европски активисти со долгогодишно искуство во операции за потраги и спасување, веќе помогнале во две други спасувачки акции за вкупно 105 луѓе кои сега се на невладиниот брод Sea-Watch 4.
Бродот е обоен со светло розева боја и има цртеж на Бенкси на кој е претставено девојче со елек за спасување кое држи гума за спасување во форма на срце.
Луиз Мишел плови под германско знаме. 31-метарската јахта, која претходно била во сопственост на француската царина, е помала, но значително побрза од останатите невладини бродови.
Извор: Гардијан