Една од суштинските димензии на инклузивните општества е толеранција и почитување и поттикнување на културната разноличност. Постои потреба и да се креираат позитивни приказни за едно инклузивно општество еднакво за сите и за иднината. Една таква успешна приказна е „Граматиката на современиот ромски јазик“, која заедно со „Речникот на ромски јазик“, кој е во подготовка, се публицистички дела кои се темелници на јазичната култура и наука на секоја заедница, пренесе МИА.
Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“, во издание на Матица Македонска, а чии автори се Љатиф Демир, Фатиме Демир и Невсија Дурмиш.
Заев посочи дека станува збор за капитално дело кое со опфатот на сите битни граматички прашања на ромскиот јазик може да послужи како основа во создавањето материјали наменети за училишната практика во образовниот процес и дава можност на секој поединец, секој што самостојно го учи ромскиот јазик или сака да го усоврши, да се запознае со неговите основни граматички особини.
Публикувањето на оваа граматика има за цел да придонесе и во стандардизацијата на литературниот ромски јазик, како и да укажува на особеностите на дијалектниот изговор како посебно богатство на ромскиот јазик. Истовремено, оваа граматика ќе послужи како солидна основа за натамошна научна работа, анализи и истражувања и за создавање нови дела што ќе го трасираат ромскиот јазик.
Премиерот потенцира дека кога го одбележуваме 5 ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, сите ние застануваме со ромскиот народ и ја славиме културата на Ромите како дел од нашето, македонско културно богатството, и богатство на целото човештво.
– Да не заборавиме, припадниците на ромската заедница од Република Северна Македонија, имаа пресудна и одлучувачка улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата на професорот Јусуф Шаип. Тој го посвети целиот свој живот на стандардизацијата на оригиналниот ромски јазик, и за негово вклучување во образованието. Денес неговите следбеници го продолжуваат неговото дело во интерес на вредностите на ромската заедница, додаде премиерот Заев.
Министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за Ромите, Музафер Бајрам рече дека како и за многу други работи поврзани со основните човекови права, така и во однос на јазикот, предничат Ромите кои за свој постојан дом и татковина ја имаат нашата земја. Во нашиот ген, посочи тој, е кодирана нашата желба за постојани патувања и запознавања на нови простори и региони.
– Меѓутоа во последните години тука кај нас и во Европа и пошироко доминира либералната социјалдемократска идеја. Се помалку талкаме по белосветските беспатија, затоа што тука во нашата единствена татковина ние сме на вистинскиот пат. И овој пат не е лесен, тешкотии има и ќе има, но се додека пред нас свети светилникот на обединета Европа, ние сите заедно остануваме на тој пат од една единствена причина, Друг пат немало и ќе нема, и затоа уште еднаш сите заедно напред, додаде Бајрам.
Еден од авторите на „Граматиката на современиот ромски јазик“, Љатиф Демир истакна дека создавањето вакви дела не значи само големи напори и вложен труд во нив, туку претставува и огромна одговорност кон она што значи идентитет на еден народ, а тоа е јазикот.
– Во Граматиката се укажува на особеностите на дијалектниот изговор наспроти тоа што се налага како норма во литературниот изговор и правопис на ромскиот јазик. Тоа се прави со цел полесно усвојување на стандардниот јазик, токму преку воочување на овие разлики. Во Граматиката се опфатени сите битни граматички прашања на ромскиот јазик. Опфатот на материјалот и начинот на неговото третирање може да послужи како основа во креирањето на материјали наменети за училишната практика, од кои кај нас се чувствува голема потреба, рече Демир.
Една од задачите на оваа Граматика, појасни Демир, е да им помогне на нејзините корисници да ја совладаат ромската граматичка терминологија, а тоа е особено важно за корисниците Роми кои имаат многу скромно искуство во нејзиното користење.
Тој додаде дека се подготвува речник со цел да се задоволат најнеопходните потреби кај сите заинтересирани установи и поединци (наставници, ученици, студенти, преведувачи и други) кои го изучуваат ромскиот јазик или секојдневно го применуваат во својата работа и ја опфаќа лексиката на современиот литературен ромски јазик, како и одреден број зборови од разни научни области.
По завршувањето на обраќањата пратеникот Самка Ибраимоски им врачи по еден примерок од „Граматиката на современиот ромски јазик“ на премиерот Заев, министерот за култура Хусни Исмаили и на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.