Министерот за здравство, Венко Филипче, на својот профил на Фејсбук сподели за уште една убава вест од Клиниката за детски болести во Скопје. Малата Хилал стави крај на борбата со карциномот и пред напуштање на Клиниката симболично заѕвоне на ѕвончето.
Хилал си оди дома здрава и насмеана, среќна дека се избори со болеста! Таа се лекуваше на хематолошкото одделение на Клиниката за детски болести.
Во месецот посветен за подигнување на свеста за карцином кај деца и адолесценти, Хилал заминува дома. Септември е „златен” месец, а златната лента е симбол за поддршката на децата болни од рак и нивните родители. Златната боја е боја на храброста и упорноста.
Огромна благодарност до детската клиника за неисцрпната сила што ја даваат во третманот на нашите мали, големи херои, напиша министерот и сподели видео од малата Хилал како ѕвони на ѕвончето на излегување од Клиниката.
Д. Е.