Боливискиот претседател Ево Моралес отпатува во Мексико каде доби азил, откако поднесе оставка под притисок на протестите во неговата земја, пренесе МИА.
Моралес, кој е првиот домородец претседател на Боливија, заминал во Мексико со авионот на мексиканската Влада од боливискиот град Чиморе.
Тој на Твитер потврди дека стигнал во Мексико и оти го боли заминувањето од земјата од политички причини, но вети дека ќе се врати посилен и поенергичен.
На социјалната мрежа Моралес објави фотографија на која се гледа како лежи под импровизиран шатор, направен од виолетово ќебе, и напишал како ја поминал својата прва ноќ во егзил.
– Ова беше мојата прва ноќ по напуштањето на претседателството и под принуда на државен удар. Им благодарам на своите браќа од сојузот Тропик оф Кокабамба на овозможената безбедност и нега, напиша Моралес.
Пред да замине Моралес во Мексико, војската соопшти дека ќе и се придружи на полицијата во патролирањето низ улиците, откако во протестите, кои се одржуваат во Боливија по изборите одржани минатиот месец, се уништени четири полициски станици.