Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа на 14 ноември 2019 година, ќе организира дебата на тема „Родова еднаквост“ под наслов – Ние и Вие – рушење на стереотипи! Дебатата ќе се одржи на 14 ноември 2019 со почеток во 12 часот во ресторан Амбрела (ГТЦ).
Темата на годинешнава дебата е родовата (не)еднаквост или жените и нивното учество во „машките„ професии. Преку искуството и излагањето на секој од горенаведените говорници ќе можеме да извлечеме заклучоци по однос на ова прашање.
Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа е женска хуманитарна организација, која е дел од Inner Wheel International – организација која е основана во далечната 1924 година.
На дебатата ќе говорат:
Г-ѓа Ана Мартиноска – професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми
Г-дин Џабир Дерала – македонски писател, продуцент и новинар
Г-ѓа Снежана Лупевска Созен – новинарка и истражувачка.
Г-ѓа Јасмина Атанасова – професорка, архитектка, овластена проектантка, ревидентка и надзор од областа на архитектурата и противпожарната заштита
Г-ѓа Билјана Денчовска – првата жена пожарникарка во Македонија
Г-ѓа Зорица Петрова – првата жена лиценцирана машиновозачка во Македонија
Модератор на настанот ќе биде новинарот и активист Огнен Јанески.
Клубот Еуропеа е основан на 17 декември 2016 во Скопје и има 18 членки, секоја успешна и докажана во својата професија, со силен личен мотив за солидарност и помош на оние на кои им е потребна, со желба и можности за делување во рамките на нашето општество преку разни хуманитарни акции. Од основањето до денес, Еуропеа гордо стои зад бројни хуманитарни акции и акции за подигнување на свеста за општествено и хумано делување. Во оваа смисла, веќе трета година, Еуропеа го одбележува Меѓународниот Ден на толеранција кој почнувајки од 1996 година е годишно одбележување на толеранцијата под покровителство на УНЕСКО, а со цел генерирање на јавна свест за опасностите од нетолеранцијата. Денес, многу земји, владини и невладини организации, го одбележуваат овој ден преку организирање на разни настани и кампањи со цел подигање на свеста за потребата од толеранција, инклузија и интеграција на сите групи.