скенира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ситуацијата во Република Северна Македонија е редовна. Тоа подразбира дека редовно имаме вонредни ситуации. Една од тие вонредни ситуации која редовно се повторува, се разбира, е македонскиот специјалитет – предвремени парламентарни избори.
По блокадата од францускиот претседател Емануел Макрон на датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, премиерот Зоран Заев повика на предвремени парламентарни избори. Својот предлог го соопшти два дена по блокадата во Брисел, на 19 октомври, кога повика на брзи, да повториме, брзи, предвремени парламентарни избори, најбрзо што може.
По прес конференцијата, претседателот Пендаровски беше домаќин на средба меѓу лидерите на парламентарните партии што самостојно освоиле гласови на предвремените парламентарни избори во 2016 година. На лидерската средба на 20 октомври, како што ни соопшти и претседателот Пендаровски, политичките лидери, барем декларативно, постигнале консензус дека, без оглед на околностите, во секоја ситуација ќе се залагаат за стратешките интереси на земјата, а тоа е членството во Европска Унија.
Мицкоски, пак, откако успеа да избегне избори во декември, а притоа дал и гаранции дека ќе ги поддржува македонските ЕУ аспирации, продолжи со истиот, добро познат тон.
„Поразен е арамилукот…“ – беа првите зборови на Мицкоски веднаш по лидерската средба.
И, што имаме? Имаме предлог за брзи предвремени парламентарни избори, за тие потоа да се претворат во одложени предвремени избори за речиси половина година по предлогот за избори и на помалку од половина година пред редовниот термин за избори кој, исто така, претходно беше поместен од декември на октомври 2020 година.
Толку од брзи избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упорно бегал од избори во декември. Како што ексклузивно дознавме уште истата ноќ додека траеше лидерската средба, Зоран Заев самоуверено и во духот на помирувањето, веднаш се согласил на барањето на Мицкоски, па така, брзите избори, веќе и не се така брзи. Откако го доби тоа што го бараше по секоја цена, Мицкоски, уште во првата минута по лидерската средба, продолжи со својата кампања на целосно дискредитирање и омаловажување на политичкиот противник.
Во јавноста изостанаа одговори на многу основни прашања. Дали има потреба од предвремени парламентарни избори? Ако изборите се брзи, тогаш кога треба да се одржат за навистина да бидат брзи? Зошто Мицкоски бегаше од избори во декември, кога постојано бара избори да се одржат веднаш и сега? Дали навистина Пржинска влада е дел од закон или е само меѓупартиски договор? Дали политичките лидери погрешија или не?
Сите тие прашања се прескокнати. Наместо тоа, се прејде на драстично менување на изборниот систем, со менување на изборниот модел. Повторно, останавме без одговор на прашањата дали има услови за тоа и дали имаме време да ги исполниме тие услови. Дали во менувањето на изборниот модел се вклучени релевантните граѓански организации, експерти и институции што се задолжени за спроведување на изборните процеси? Дали може да се промени изборниот модел без да се напише нов Изборен законик, бидејќи сегашниот е за ремонт?
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, вели дека менувањето на изборното законодавство е спротивно на стандардите и препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Според него, промени во изборниот модел не треба да се прават најмалку една година пред изборите.
Што се однесува до капацитетите и подготвеноста на ДИК, тие се во состојба да организираат и спроведат изборен процес за 55 дена. Значи, избори можевме да имаме во декември.
Како и да е, Иницијативата за менување на изборниот модел продолжи со работа. На 5 ноември одржа и тркалезна маса, со многу ќошиња, на која носителите на иницијативата ги изнесоа своите барања.
ВМРО-ДПМНЕ не испрати свој претставник на таа тркалезна маса, а лидерот на СДСМ, Зоран Заев, целосно ја поддржа Иницијативата, иако изборен модел со една изборна единица на големите партии може да им однесе едно, две, па и повеќе пратенички места во корист на помалите политички партии. Се разбира, може, но и не мора да значи. Заев сподели со јавноста и дека во СДСМ нема целосна согласност, но дека мнозинството ја поддржало иницијативата за една изборна единица.
Претставничките на ДОМ кои ја организираа тркалезната маса тврдат дека со години наназад бараат промена на изборниот модел, што значи дека тоа барање го упатувале и во времето кога беа коалициони партнери на Никола Груевски, сега обвинет за тешки кривични дела и азилант во Унгарија. Барањето на ДОМ не го најдовме во интернет архивите.
Имаше и поинакви погледи изнесени на тркалезната маса. Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ средбата ја нарече фарса.
Да се разбереме, изборен модел со една изборна единица е одамна посакувано, демократско решение. Тоа е дел од реформите што ќе донесат повисоко ниво на демократија и поголема застапеност на различностите. Особено ако реформите се спроведат доследно, стручно и навремено.
Дел од невладините организации, меѓу кои и ЦИВИЛ, се залагаат за една изборна единица веќе една деценија. За тоа постојат и интернет архиви.
Сепак, останува прашањето колку ќе биде успешна оваа итна промена, на помалку од 6 месеци пред изборите, особено ако имаме предвид дека Изборниот законик е во лоша состојба и треба целосно да се менува, а изборниот систем се соочува со сериозни проблеми веќе со децении.
Што ќе произлезе од сево ова, останува да видиме и почувствуваме на денот на гласањето на овие брзи, но одложени предвремени парламентарни избори.
Нека ни е со среќа.
екипа: Биљана Јордановска, Арбен Зеќири, Дехран Муратов
консултант: Зоран Иванов
директор на фотографија: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети, Џабир Дерала