Двесте милиони евра се трансферирани во текот на минатата година како лични трансфери од земјите во ЕУ кон граѓани во Република Северна Македонија, покажуваат податоците на Евростат, пренесува МИА.
Во регионот најмногу пари како лични трансфери се регистрирани во Србија 2,96 милијарди евра, следат БиХ со 1,38 милијарди евра, Албанија 926 милиони евра, Косово 800 милиони евра, Турција со 670 милиони евра и Црна Гора со 228 милиони евра.
Најмногу пари од европските земји се излеани од Франција во износ од 11,4 милијарди евра, по што следат Шпанија со 7,7 милијарди евра, Велика Британија седум милијарди евра, Италија 6,5 милијарди евра и Германија 5,2 милијарди евра.
Најголем прилив, пак, од земјите во ЕУ е забележан во Португалија 3,6 милијарди евра, Романија три милијарди евра и Полска 2,5 милијарди евра.
Податоците покажуваат дека на лични трансфери во 2018 година од ЕУ кон други земји кои не се членки се испратени 35,6 милијарди евра, што е зголемување на претходната година кога биле 32,6 милијарди евра.
Најголем дел од овие лични трансфери се состојат од плаќања од мигранти во државите од ЕУ кон нивните земји на потекло.