„Колкумина од вас како мали ги учеа дека розовата е женска боја…? А колкумина од вас како мали девојчиња си играа со камиони? Стереотипите се наметнуваат уште од најрани години, од најмала возраст, дома, во кругот на семејството, во градиниките, а потоа и низ повисокото образование… Со серија прашања кон публиката и лоцирање на стереотипите од најраната возраст“, го започна своето излагање рече Џабир Дерала, еден од учесниците на дебатата „Родова еднаквост: Ние и Вие – рушење на стереотипите!“ што, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, ја организираше скопскиот огранок на меѓународниот клуб Inner Wheel.
За жал, според Дерала, меѓу носителите на стереотипите кон жените се токму жените. Тие се согласуваат да ја носат тежината на предрасудите, па дури и ги пренесуваат на следните генерации.
И ден-денес има земји во светот во кои жените не смеаат да возат автомобили, земји и места каде силувањето е оружје на војната… Експлоатацијата и понижувањата можат да се сретнат насекаде во светот, па и кај нас. Доволно е само да се види состојбата на текстилните работнички. Гледаме како газдите манипулираат со нив и не ги почитуваат нивните основни човекови права, а камо ли работничките права…? Стереотипите се раѓаат и се втиснуваат во текот на детството и низ образовниот процес…“ – се дел од тезите што Дерала ги изнесе пред бројната публика, притоа изнесувајќи и неколку статистички податоци за застапеноста на жените во политиката и на раководните функции во институциите.
Според професорката Ана Мартиноска, не е битно само дома да ги уриваме стерoтипите, иако таму е почетокот на процесот, туку тоа е многу е битно и во текот на образованието.
„Од моето искуство со младите мислам дека е главно да ги разбереме стереотипите и кога ќе знаеме со што се соочуваме лесно ќе ги кршиме и ќе се охрабриме да чекориме напред… Жените се соочуваат со многу предизвици, балансот меѓу работата и приватниот живот, традиционално со родови улоги, со потребата да бидат супер жени и насекаде да се докажуваат и на себе го носат товарот на она што во феминистичката култура се нарекува втора смена: таа ќе биде во „машка“ професија, но дома ги чека „женската“ професија во кујна“, изјави професорката Мартиноска.
Новинарката Снежана Лупевска Созен пак, низ личен пример, ја опиша своевидната дискриминација која ја дожиевала низ годините новинарска кариера. Таа изрази посебно жалење што борбата за рушење на стереотипите е исклучително бавна.„Јас ќе ви кажам, како мене лично ме нарекуваа… еве во една професија (новинарство) која според мене е женска, не е машка, затоа што повеќето се новинарки… Мене ме нарекуваа жена со машко срце и жена -маж, не мислејќи на некоја трансексуалност или слично, туку како асоцијација, демек, ако сум жена јас не можам така да реагирам, да пишувам, така да настапувам… Ги зачудувал фактот што како жена-новинарка сум се нашла на многу места кои биле предодредени за мажите. Тука и ден денеска ме бие глас дека во 2001 година кога ја откривме кризата и ги покривав тие, за жал, немили настани, многу често беше јавноста зачудена како може една жена да известува од конфликт, како може да оди на такви терени. Потоа, кога продолжив со истражувачкото новинарство исто така наидував на центри на моќ, или спроти себе мажи кои се полни со своето его и коишто не очекуваа дека наспроти нив ќе имаат жена што ќе им се спротистави со документи, аргументи, откритија… Не мислејќи дека и ние жените имаме авторитет кој може да им се спротистави. Мене ми е драго што јавно сум им докажала дека грешат и дека тие лошо поминувале имајќи го во себе тоа свое его“, рече Лупевска Созен.
На прашањето дали машките новинари се поплатени од женските, затоа што наводно женските новинарки после 22 часот не сакале да одат „на терен“, Лупевска Созен рече дека како уредничка никогаш не постапувала поинаку со машките и женските колеги, освен можеби со бремените жени и мајките кога имале силна причина за тоа. Таа им порача на девојчињата да бидат амбициозни, да веруваат во себе и да не се плашат од никој и ништо.
Во борбата за уривање на стереотипите и предрасудите, дека сепак не постојат „машки и женски професии“ посведочија и трите извонредни и храбри жени кои работат и учат нешто за кое кај нас се смета за „машка работа“.
Зорица Петрова е првата жена лиценциран машиновозач. Таа е сè уште невработена. Нејзинот потег, вели Петрова сака да ги охрабри сите млади жени, да си ги следат својот сон, да не потклекнуваат, да се борат против секаква дискриминација и да бидат свои.
Пожарникарката Билјана Денчовска пак од дете сакала да помага и да носи униформа. Животниот пат ја носел на повеќе страни, но сепак, пред 16 години успеала да стане дел од Противпожарната бригада во Скопје, сега веќе има и помлада колешка. Таа им порача на младите дека не треба од ништо да се плашат, но и дека поддршката од најблиските е многу важна.
Архитектката и професорка Јасмина Атанасова Симјановска, не само што е првата жена оџачар, туку е и еднинствениот дипломиран оџачар во земјава. Покрај нејзината евидентна борба во рушење на предрасуди, таа објасни дека преку нејзината работа како наставник, посебно се труди да им објасни и да им истакне на девојчињата колку вредат.
„Покрај тоа што сте убави, вие сте и многу умни“ им вели Атанасова Симјановска на своите ученички.
Ивана Т. Зафировска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети