Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски е единствениот градоначалник во земјата на кого работниот ден му почнува во бел мантил. Секое утро во 7 часот во скафандер, под маска и визир се упатува кон Инфективното одделение во општата болница „Борка Талески“ во Прилеп. Таму волонтира до 10 часот, потоа заминува кон општината каде го чекаат многубројни обврски. Кога обврските во општината ќе завршат, повторно го облекува скафандерот. Се враќа во болницата во 19 часот, каде волонтира уште неколку часа. Следниот ден – ист распоред, иста маршрута, и иста желба – да им помогне на болните од Ковид -19, да им помогне на лекарите, мединските сестри, техничари… Волонтирањето продолжува и во деновите од викендот, пишува „Дојче веле“.
Веќе 12 дена вака изгледа секојдневието на Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп, по професија лекар – специјалист ортопед. Кога на 11-ти ноември Јованоски најави дека ќе почне да волонтира, неговите сограѓани не беа изненадени, бидејќи во градот е познат лекар, хуманист, секогаш подготвен да помогне. Во разговор за ДВ, реномираниот ортопед објаснува кој бил пресудниот момент да „скрши нога“ и да се стави на располагање на Инфективното одделение во болницата.
„Знам дека припаѓам на ризичната група од возраст над 60 години, каде е поголема можноста да добијам инфекција или да заболам. Но, тоа е пресметан ризик. Како општествено одговорен граѓанин и како лекар кој се обврзал на Хипократовата заклетва, решив да се ставам на располагање на моите колеги, од секој аспект. Се чувствувам здрав и сметам дека можам да издржам“, дециден е Јованоски.
Целиот текст од разговорот на „Дојче веле“ со градоначалникот Јованоски, ТУКА.