Промените во дипломатијата на Република Србија не ја заобиколија ниту мисијата во Република Македонија, со отповикувањето на амбасадорот Душанка Дивјак Томиќ, со указ од претседателот Александар Вучиќ на 24 септември, објавено е во Белград.
Душанка Дивјак Томиќ на должноста амбасадор на Република Србија во Република Македонија е од 29-ти ноември 2013-та година. Во Мисијата во Скопје е од 2010 година, како заменик-амбасадор, министер советник.
Таа ја вршеше функцијата и за време на насилниот упад во парламентот на 27 април 2016 година, кога во законодавниот дом беше присутен и српскиот дипломат и разузнавач Горан Живаљевиќ, поради што тој беше вратен назад во Белград и моментално му е советник на Вучиќ.
Во последните два месеци, вкупно 12 српски амбасадори се повлечени од своите позиции во дипломатските претставништва ширум светот. Последен во низата е повлечен Миомир Удовички, шеф на мисијата на НАТО во Брисел, со указ на претседателот од 4 ноември, кој стапи на сила од 15 ноември.
Амбасадорот Раде Булатовиќ беше отповикан од дипломатската мисија на Србија во Киев, а пред неколку месеци се споменуваше како нов амбасадор во Скопје.
Според Фокус, Како можен иден српски амбсадор во земјава медиумите го споменуваа Раде Булатовиќ, кој досега беше амбасадор во Киев, каде заминал на должност откако бил одбиен од Турција. Булатовиќ е поранешен шеф на Српската разузнавачка служба БИА и бил советник за национална безбедност на поранешниот српски претседател Војислав Коштуница.