Кон многубројните пораки за мир, што по повод Меѓународниот ден на мирот, 21 септември, ги упатуваат државниците ширум светот, се придружи и премиерот Зоран Заев:
Со должно внимание да го одбележиме денешниот Меѓународен ден на мирот, кој Обединетите нации оваа година го посветија на борбата против климатските промени.
Мирот го загрозуваат природните катастрофи како резултат на климатските промени и предизвикуваат милиони луѓе да ги напуштат своите домови во потрага по мир и сигурност.
Денес, секој од нас треба да знае дека може да биде дел од решението. Затоа, да најдеме начин да заштедиме енергија, да користиме јавен превоз или, уште подобро, да печашиме или да возиме велосипеди…
Бидете дел од акциите за почист воздух и споделете ги вашите идеи за придонес за мирот и сигурноста.
https://www.facebook.com/zaevzoran/posts/10157826343582932
Како што објави ФРОНТ порано денеска, на денешен ден, според Резолуцијата 55/282 на ОН, изгласана во Генералното Собрание на 28 септември 2001 година, овој ден е прогласен за Меѓународен ден на мирот. Резолуцијата ги обврзува сите држави-членки на ООН, редовно и секоја година, Денот на мирот да го одбележуваат со соодветни програми.
Темата на Меѓународниот ден на мирот оваа година е „Климатска акција за мир“. Темата се фокусира на потребата од борба против климатските промени, како начин да се заштити и промовира мирот низ целиот свет. Според ОН, климатските промени предизвикуваат јасни закани за меѓународниот мир и безбедност.
Меѓународниот ден на мирот, 21 септември, е посветен на борбата против сите форми на насилство, недоразбирања и конфликти, повикувјќи ги сите луѓе во светот заеднички да придонесат за меѓусебно почитување и надминување на меѓусебните недоразбирања, за промовирање на човековите права и слободи и за подобрување на условите за живот во мир и достоинство, за демократски просперитет…
Б. Јордановска
21 септември, Меѓународниот ден на мирот, во знак на борбата против климатски промени