Поголема заштита на правата на интелектуална сопственост значи позитивен приказ на компанијата, повеќе можности за добивање грантови или инвеститори, повисока добивка или враќање на инвестицијата, дополнителен приход од лиценцирање и намален ризик од повреда. За државата, пак, придобивките се повеќе директни странски инвестиции, зголемен економски развој и позитивни општествени промени.
Ова го истакнува Горан Герасимов, заменик-директор во Државниот завод за индустриска сопственост и раководител на Координативното тело за интелектуална сопственост, кој посочува дека во средината на јуни се спроведени акции кај три правни субјекти кај кои постои повреда на правата од индустриска сопственост. Статистиката покажува дека има раст и на поднесените пријави за трговски марки, така што до август има 1.018 пријави и се очекува до крајот на годината бројката да биде поголема од онаа во 2018 година, кога биле поднесени 1.322 пријави.
Координативното тело за интелектуална сопственост е орган што е составен од претставници на повеќе институции, а негова главна цел е борбата против сивата економија. Што преземате во таа насока и каква е свеста за заштита на правата од индустриска сопственост и авторско право?
Координативното тело за интелектуална сопственост е формирано како постојано тело за воспоставување координација во спроведувањето на заштитата на правата од индустриска сопственост и на авторското право и сродните права. Составено е од претставници на државните органи, кои се директно или индиректно задолжени за заштита на правата од интелектуална сопственост. Тука секако е вклучен Државниот завод за индустриска сопственост со два члена, јас како раководител на телото, потоа Министерството за култура, Царинската управа, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за правда и Управата за јавни приходи.
Секоја од овие институции има свои обврски и надлежности, а наша задача како кооринативно тело е да гарантираме континуирана соработка, да организираме заеднички акции, односно да изградиме и да одржуваме ефикасен механизам за заштита на правата од индустриска сопственостт, авторските и сродни права. Наша крајна и заедничка цел е да дејствуваме во надзор на пазарот за борба против пиратеријата и фалсификувањето.
Координативното тело, во оваа форма како што е сега, функционира од февруари оваа година. Ова тело постоело и претходно, но земајќи ги предвид препораките и сугестиите од претходни членови и соработници за неговото претходно работење направивме целосна реорганизација на начинот на функционирање. На првата седница беа донесени и усвоени Деловникот за работа на Координативното тело и Оперативната програма за борба против пиратеријата и фалсификувањето.
Основната разлика меѓу новиот и стариот начин на работа е во фокусот на превенција и дејствување за подигнување на јавната свест во општеството во врска со значењето на правата од интелектуална сопственост и последиците што ќе настанат во случај на нивна повреда. Јас лично сметам дека ова е клучно за постигнување на нашата крајна цел – заштита на правата на интелектуална сопственост, но и намалување на сивата економија во државата. Секако, паралелно со овие активности, реализираме и координирани акции низ целата држава за конфискување фалсификувани предмети за кои има правосилни судски одлуки. Неопходноста од ваквите акции е очевидна за спроведување на законската рамка и заштита на правата, меѓутоа силно верувам дека индивидуалните акции ќе останат само изолирани случаи сè додека не успееме да ја подигнеме свеста на сите општествени чинители и токму затоа продолжуваме силно да работиме во оваа насока.
Зошто и колку е важна заштитата на правата за интелектуална сопственост?
Интелектуалната сопственост во светот е веќе широко признаена како човеково право и таа е заштитена во меѓународното право. Таа е дел и од Европската конвенција за човекови права, чија потписничка е и Република Северна Македонија.
Заштитата на производите е клучна за добивање стабилна и моќна положба на пазарот, како и приод кон нови пазари. Со ова секако следува и повисока добивка или враќање на инвестицијата, дополнителен приход од лиценцирање и намален ризик од повреда. Ова е навистина моќна алатка за преземање дејства против фалсификатори. Истовремено, доколку вашите права се соодветно заштитени, тоа е позитивен приказ на вашата компанија и ви отвора повеќе можности за добивање грантови или инвеститори. Во овој контекст, интересен е податокот што дури 40 отсто од малите и средните компании имаат значајно влијание на светскиот пазар, и тоа, пред сѐ, поради нивните единствени производи. Ова значи дека секој од нас има можност да успее и да остави свој белег, а соодветната заштита на правата за интелектуална и индустриска сопственост е неопходна за оваа цел.
Понатаму, истражувањата што се направени на светско ниво јасно укажуваат дека со поголема заштита на правата на интелектуална сопственост расте и бројот на странски инвестиции. Односно, колку повеќе државата ги штити правата од интелектуална сопственост, толку повеќе може да смета на директни странски инвестиции. На овој начин се зголемува економскиот развој и се поттикнуваат позитивни општествени промени.
Заштитата на интелекуалните права значи промоција на иновативноста, талентот и технолошкиот напредок. А доколку една земја сака да биде добра во промовирањето на иновациите и во соработката со другите земји, мора да биде сигурна дека има воспоставено вистинска правна, регулативна и политичка рамка за промовирање на иновацијата. Токму ова е наша задача како Државен завод за индустриска сопственост, но и основна цел на Координативното тело.
Сивата економија создава незадоволство во сите сектори, затоа што нелегалните бизниси брзо растат и дејствуваат без никакви давачки, дејствуваат слободно без никакви контроли и надзори и претставуваат нелојална конкуренција за сите останати. Сивата економија е штетна и за сите граѓани. Оние што ги избегнуваат своите даночни обврски, ги оштетуваат сите граѓани и се неправедни спрема сите оние даночни обврзници што работат законски.
За жал, ова е тема на која сметам дека недоволно се зборува кај нас. Имено, кога купувате фалсификувани производи или пиратска музика, филмови, софтвер, вие всушност директно го финансирате организираниот криминал локално, но и во светот. Притоа, да не заборавиме интелектуалната сопственост претставува придонес за развојот на музиката и уметноста, како и за развој на технолошките иновации, кои се силни чинители за економски развој, но и поттик за младите таленти да бидат успешни и да го реализираат својот целосен потенцијал.
Дали пријавите стигнуваат лично до новооформеното Координативно тело и какви активности има спроведено од неговото формирање?
Досега имаме одржано вкупно осум седници. На секоја седница ги разгледуваме пријавите и претставките што пристигнуваат до Координативното тело. Тие може да бидат од страна на физички и правни лица чии права од интелектуална сопственост се загрозени, или од надлежните институции, кои по претходно нивно испитување и проценување ги доставуваат до Координативното тело.
Во периодот февруари-август се поднесени десетина пријави/претставки од физички и правни лица, за повреда на права од интелектуална сопственост. Постапувајќи по нив, констатирана е повреда на права од индустриска сопственост кај три правни субјекти, во кои се спроведени координирани акции.
Во средината на јуни спроведовме координирани акции кај три правни субјекти, кај кои постои повреда на правата од индустриска сопственост. Акциите се спроведени по претходно барање за постапување, поднесено од страна на носителите на правата. Акциите се спроведени во Скопје и во Куманово и станува збор за градежни производи и безалкохолни пијалаци.
За ефикасно спроведување на мерките и активностите, во надзорите учествува претставници на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи. Во овие акции се одземени вкупно 74 градежни производи со кои се повредуваат правата од индустриска сопственост и 5.100 производи со кои исто така се повредуваат правата од индустриска сопственост. Исто така, донесени се решенија со кои на правните субјекти им се наредува да ги повлечат од употреба производите и документите што се однесуваат на производот. Спроведени се и постапки за порамнување, при кои на сторителите на прекршоците им е изречена соодветна глоба.
Каде завршува запленетиот материјал?
Конфискуваните производи ги предаваме во Агенцијата за управување со одземен имот. Особено ми е драго што голем дел од нив одат кај оние на кои им се најмногу потребни. Така, досега се донирани храна, облека и други производи на над 25 институции, меѓу кои и здравствени установи и домови за деца без родители.
Во соработка со надлежните институции, Координативното тело за интелектуална сопственост учествува во организација и спроведување јавно ништење на запленетите пиратски и фалсификувани предмети за кои има правосилни судски одлуки.
Колку е развиена свеста кај граѓаните за важноста од интелектуална сопственост и што преземате вие?
Со задоволство можам да кажам дека во изминативе две години, откако сум на чело на Заводот, имаме континуиран раст на поднесени пријави за трговски марки. Така, ако во 2017 сме имале 1.268 поднесени пријави, во 2018 имавме 1.322, додека во 2019 само до август имаме 1.018 пријави и очекуваме до крајот на годината да достигнеме бројка поголема и од минатата година. Ова значи дека сите активности што сме ги презеле за да ги истакнеме бенефициите што следуваат со заштита на правата од индустриска сопственост навистина допреле до нашата публика.
Ние како завод активно работиме на едукација за правата од индустриска сопственост. Сите наши проекти, семинари и публикации имаат една основна цел – опфаќање на сите чинители во заштитата на правата од индустриска сопственост и во интелектуалната сопственост, подигнување на јавната свест и унапредување на знаењето, со што дополнително се олеснува заштитата. Истовремено, активно работиме на промоција на пронајдоците заштитени како патенти, на автори од РСМ. Лично сметам дека едукацијата за правата од индустриска сопственост треба да започне од основното образование, да ги опфати средното и високото образование. Ова е област што има сè поголема улога во современиот свет и е непходна за економски развој, но и за поттикнување на инoвативноста кај младите генерации, кои се иднината на ова општество.
Како и секоја година така и оваа, како континуирана активност Координативното тело заедно со Царинската управа спроведе кампањата „Стоп за фалсификуваните производи“. Кампањата беше спроведена во две средни училишта, и тоа: на 27 март во средното училиште „Орце Николов” и на 28 март во средното училиште „Никола Карев”.
На 24 април, како дел од активностите организирани по повод одбележувањето на 26 април – Светскиот ден за заштита на правата од интелектуална сопственост, кампањата „Стоп за фалсификуваните производи“ се спроведе и во трговскиот центар „Рамстор” во централното градско подрачје на Скопје.
Во двете училишта, како и во трговскиот центар „Рамстор”, беше поставен штанд на кој беа изложени примероци од запленети фалсификати, а учениците/минувачите имаа можност да се запознаат со штетните последици што може да ги предизвикаат фалсификатите, за што им беа делени и информативни брошури.
Оваа кампања беше фокусирана на заштита на корисниците од купувањето фалсификувани производи бидејќи тие претставуваат огромен ризик за здравјето на луѓето, додека светската економија бележи огромни загуби поради дејствија поврзани со производството и пуштањето во оптек фалсификувани производи.
Минатата година беше јубилејна за Државниот завод за индустриска сопственост, одбележавме 25 години од нашето постоење и организиравме повеќе настани по овој повод. Во текот на септември посетивме повеќе градови низ државата, каде што ги промовиравме правата од индустриска сопственост на пошироката јавност, како и на малите и средните претпријатија. Во соработка со градоначалниците и стопанските комори спроведовме мини семинари во повеќе градови низ државата на кои бизнис-заедницата ја запознавме со важноста и придобивките од заштитата и спроведувањето на правата од индустриска сопственост. Истовремено на најфреквентните места во градовите беа поставени штандови на кои се делеа промотивни материјали и вработените од Заводот одговараа на прашања на заинтересирани граѓани. Особено сум задоволен и од кампањата „Месец на индустриската сопственост“. За неа имаше голем интерес и резултатите се веќе видливи.
Во периодот што следува ќе продолжиме со активности во вид на кампањи и работилници со цел подигнување на јавната свест. Остваривме и неколку средби со невладини организации на кои дискутиравме нивно потенцијално вклучување во ваквите активности. Постои интерес, бидејќи општествените бенефиции од ваквото дејствување се повеќе од очигледни. Колку повеќе луѓе и институции се вклучени, дотолку се зголемува импактот што можеме да го имаме. На овој начин сметам дека значително ќе ги зајакнеме нашите капацитети како координативно тело и ќе можеме сите заеднички да придонесеме за позитивни општествени промени.
Сузи Котева Стоименова / МИА