пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Владимир Талески – актер и политичар.
Откако помина три последователни мандати како градоначалник на Битола, Владимир Талески, после Локалните избори во 2017 година, повеќе не е градоначалник и се враќа во Битолскиот театар. Во меѓувреме му беа поднесени редица кривични пријави. Неколку од нив беа процесирани во обвиненија, а за две веќе има и пресуди. Во септември 2019 година, Владимир Талески, за еден случај воден од Основниот суд во Битола доби ослободителна, а за другиот случај воден во истиот суд доби условна казна. Случајот „Транспортер“ е сè уште актуелен и во тек.
Владимир Талески е првообвинет во случајот „Транспортер“, заедно со уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, кој се проценува на околу 360.000 евра. За овој случајот обвинителката Фатиме Фетаи потенцираше дека градоначалникот Талески организирал превоз на битолските ученици, поскап од Токио.
Во бомбите на кои всушност се темели обвинението, поранешниот министер за финансии, Ставрески, кажува дека Талески склучил коруптивен договор за превоз на ученици, во кој, како што се нагласува, договорените цени биле 10 пати повисоки отколку реалните.
Ставрески за Талески во бомбите ќе рече:
„Се изнервирав со ова копилево од Битола, ни направи невиден скандал.“
Ставрески вели дека со овој договор општината заглавила во долгови, па Талески барал тие да бидат покриени од ЗЕЛС и од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Во овој разговор се слушаат погрдни зборови за екс-градоначалникот на Битола: блефер, перфиден актер, тежок криминалец…
Транскрипт од целиот разговор можете да погледнете тука.
Но, што со сето тоа?
Никаква сатисфакција јавноста не добива од бавните судски процеси. Никаква борба за вредности не добиваме, кога такви ликови како Талески ни се враќаат во институциите, со ваков или онаков закон, на ваков или онаков начин.
Во октомври 2017 година, Владимир Талески бара да се врати во работен однос во Народниот театар во Битола. Од театарот, немаат друг избор, освен да го почитуваат законот.
Иван Јерчиќ, директорот на Народен театар Битола за Фронтлајн.МК ја даде следнава изјава:
„Додека беше градоначалник, работниот однос на Владимир Талески во Театарот во Битола, му беше во мирување. Според ЗРО (Законот за работни односи), откако му заврши градоначалничкиот мандат, запазуваќи ги законските рокови, Владимир Талески е повторно вработен во НТБ како актер и ја има истата позиција како актер. Владимир Талески има статус на актер „првенец“. Оваа позиција му е определена со систематизација што ја наследив кога дојдов за раководител на НТБ.“
Запрашан дали откако е вратен во Театарот, Талевски добивал улоги, директорот Јерчиќ одговори дека до сега нема добиено ангажман во ни една претстава и потенцира дека тоа се должи затоа што не е ни биран на кастинзите. Јерчиќ, истакна дека тоа не е изолиран случај само во НТБ и дека такви примери каде актери не добиваат улоги и практично се без никаков ангажман, има и во другите театри во Македонија.
– Што мисли Иван Јерчиќ, како актер и човек за ваквите ситуации кога има актери што не добиваат улоги а земаат плата, кога мора да се примат актери кои се товарат со тешки обвиненија и дали нешто може да се промени?
„Прашањето во овој случај мора да има покомплексен одговор. Во таа смисла, јас како директор на институцијата сум должен да постапувам според законот, а тој вели дека работното место е загарантирано се дури нема причина да му се одземе правото на работникот.
Мојот личен став како актер и човек, кој го изградив низ годините поминати во театар, е дека за жал во нашите театри, голем е бројот и на оние актери кои не играат, а земаат плата, без разлика на причината поради која не играат и тоа создава револт во јавноста, а особено во круговите на актерите кои работат и си ја заработуваат платата.
Обврската на работодавецот – директорот на театарот, е на сите да им обезбеди работа. Единствените механизми за тоа се репертоарската политика, планирањето и системот на кастинг, кој во Битолскиот театар редовно го практикуваме. Е сега, не секој влегува во претставата преку тие кастинзи, заради ред причини, а последниот збор секако го имаат режисерите.
Исто така мој став е дека ние, и тука мислам на сите вработени во институциите, уживаме преголема комоција.
Во голема мера, освоената комоција која се темели на редовната плата, и загарантираното работно место си го прави своето. За да се променат нештата, потребни се реформи. За посериозни реформи во иднина се потребни системски промени кои ќе бидат болни, но неопходни. “, заврши актерот Иван Јерчиќ, директор на Народниот театар Битола.
Од театарските кругови, дознаваме дека Талевски како актер „првенец“, зема плата во висина од околу 42.000 денари, но дека режисерите не го сакаат „Двојче“ во своите претстави и не го канат на кастинзите. Се зборува и дека имало еден изолиран случај каде „Двојче“ бил повикан да учествува на еден кастинг за претстава од театарот во Битола, но не се појавил на аудицијата и за тоа добил службена опомена од директорот Иван Јерчиќ.
Прашања остануваат да нè прогонуваат, одговори бараме:
– Како е можно актер кој со месеци или години не добивал улоги и кој воопшто не доаѓал на работно место да зема плата?
– Дали човек за кој се водат тешки кривични обвиненија треба да е дел од театарската сцена и јавниот живот?
– Постои ли некаква морална парадигма?
За овие прашања, побаравме одговор од актерката и лидерка на Синдикатот на културните работници – Сања Арсовска:
„Со законот за работни односи е уредено дека работодавецот, во случајот театарот, мора да му додели работна задача на вработениот. Постои дистинкција меѓу тоа дали одбива да работи, или не добива работна задача. Во првиот случај работодавецот може да покрене дисциплинска постапка и по неколку последователни казни може да донесе решение за отказ. Во вториот случај, вработениот е комплетно заштитен од законот и дури може да покрене постапка против работодавецот.“
За последиците од недоаѓање на работа, Арсовска вели дека е исто така уредено во ЗРО, но морам да напоменам дека е неспроведливо во уметничките институции, заради природата на професијата.
Законот исто така предвидува дека исклучиво со осудителна пресуда прекинува работниот однос. Судски процес и било какви обвиненијата не се причина за прекин.
За тоа дали кога се покренуваат овие прашања, постои морална парадигма, Сања Арсовска потенцира:
„Ова е можеби најболното прашање во општеството. Немање морална парадигма и одбивање да се преземе одговорност и во двата случаи, односно, и кај работодавецот и кај вработениот. По ова прашање се ставаат на тест моралниот и професионалниот интегритет на двата субјекти, а искуството покажало дека ниту едниот, ниту другиот се придржува на законските обврски и го одржуваат системот нефункционален. Излез од ваквата состојба е јасно утврдување на правата и обврските и на вработениот и на работодавецот, но не во општ Закон за работни односи, туку во специјализирани закони за одредена дејност.“, одговори актерката Сања Арсовска на последното прашање од Фронтлајн.МК.
Законска покриеност има, но комплексноста на професијата актер, уметник, бара многу повеќе од тоа. Наша обврска е да ги поставуваме прашањата и да бараме дебата и промени. Наша обврска е на ликови како Владимир Талески, со минат тримандатен градоначалнички стаж проткаен со актуелни тешки обвиненија за злоупотреба, со една веќе сега правосилна условна казна, лик што не доаѓал на работа со месеци или години и за сето време зема редовна месечна плата, наша обврска како јавност е да побараме тие и такви ликови, ако ништо друго едноставно да не се присутни на јавната културна сцена, но и во институциите кои се под „државна капа“.
После сето ова, се чини сосема оправдана резигнираната реакција на еден наш читател кој си ги поставува сите погоре поставени прашања и гневно констатира:
– Зема повеќе од 40.000 денари плата, воопшто не се има појавено на работа, се шета на Широк сокак и ни се смее во фаца!
Во овие случаи, колку ние како јавност, толку и уште повеќе улогата на културните работници како фела, треба да преземеме одговорност и заедно да влијаеме на промените и поставување на една вистинска морална парадигма што ќе биде двигател на културните и општествените промени кои сите ги посакуваме.