Грчката влада и опозиција застанаа во одбрана на европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, откако на самитот на ЕУ во Брисел Северна Македонија и Албанија беа блокирани во напорите да започнат преговори за членство, пренесува Дојче Веле.
Како што велат, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по завршувањето на самитот оцени дека неговиот исход не е добар ни за Балканот, ниту за Грција, а пак, грчкото Министерство за надворешни работи вечерва ги реафирмираше тие оценки со ветување дека Атина ќе продолжи да ги поддржува земјите од регионот да ги исполнат стандардите за членство во ЕУ.
„Ги повикуваме земјите-членки на ЕУ да работат заедно за реализација на европската перспектива на Западниот Балкан, во корист на регионот и на самата Европа“, се наведува во соопштението на грчкото МНР, во кое се повикуваат земјите од регионот да останат посветени на реформите.
Најкритичен останува Никос Коѕијас, поранешен шеф на дипломатијата, кој на Твитер ја обвини ЕУ за неодговорност.