Американскиот Сенат го изгласа пристапниот Протокол за влез на Северна Македонија во НАТО. За протоколот гласаа 92 сенатори, а двајца беа против, пренесуваат американските медиуми.
Против беа републиканскиот сенатор од Кентаки Ренд Пол и републиканскиот сенатор од Јута Мајк Ли. Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнс на Твитер напиша дека Сенатот го ратификувал протоколот и оти тоа е резултат на напорна работа и посветеност да се инвестира во иднината. Претседателот Стево Пендаровски на Фејсбук им се заблагодари на САД.
Во јули годинава, пак, Пртоколот го ратификуваше и Сенатската комисија за надворешни работи.
Претходно, претседателот на САД Доналд Трамп испрати писмо до Сенатот со кое побара од горниот дом на американскиот Конгрес да го ратификува протоколот за македонското членство во НАТО.
„Стратешкото партнерство САД – Северна Македонија продолжува во Алијансата придонесувајќи за глобалната стабилност и безбедност. #WeAreNATO, напиша Пендаровски. САД се 25 земја членка што го ратификуваше протоколот, остануваат уште Шпанија, Исланд, Холандија и Франција.