Брз пристап до Скопје и развој на руралниот туризам, ќе бидат само дел од придобивките од реконструкцијата на делницата Патишка река – село Дражилово и реконструкцијата на три улици во скопското село Долно Соње, јавува МИА.
Проектите вредни над 26 милиони денари се реализираат со средства од државниот Буџет, преку Програмата за рурален развој, а увид во градежните активности денеска направија директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, заменик-директорот Авдул Селам Селами, како и градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски.
Со овие проекти, како што нагласи Бабовски, Владата овозможува квалитетни услови за живот на граѓаните.
-Овој пат со години беше во лоша состојба. Денеска е направен по сите стандарди, овозможивме населението кое е од мешан етнички состав да има добра инфраструктура и брз пристап до Скопје. Како Влада покажавме дека градиме едно општество за сите, реализираме во 80 општини над 200 проекти со вкупна вредност од 38 милиони евра. Со ова покажуваме дека сите граѓани во оваа држава ни се подеднакво важни, сите локални самоуправи сакаме да ги поддржиме со што овозможуваме младите да останат во родните места. Пример е и Патишка река каде има почеток на развој на рурален туризам, а во наредниот период ќе се зголемуваат сместувачките капацитети, истакна Бабовски.
Градоначалникот Трпковски дополни дека оваа делница секојдневно ја користат над 1.500 граѓани. Со реконструирањето тие ќе може побезбедно и побрзо да стасаат во главниот град.
-Оваа делница беша најоштетена, не беше реконструирана повеќе од 50 години. Со овој проект и поддршката на АФПЗРР, овозможуваме подобар транспорт, побрз проток на стока и услуги а со тоа и поквалитетни услови за живот во овој дел од државата, рече Трпковски.
Според заменик-директорот Селами, преку проект на Скопскиот плански регион ќе се реализира уште еден проект.
-Станува збор за реконструкција на Домот на културата во селото Сопиште, со вкупна вредност од околу 6,5 милиони денари. Со тоа државата преку Агенцијата тука ќе реализира над 26 милиони денари за капитални инвестиции, напомена Селами.