Иницијативниот одбор на „Стоп за извршителите” на Фејсбук повика на средба во сабота, на 9 ноември, со цел да се закаже протест.
„Повик за средба на Иницијативниот одбор на „Стоп за извршителите”, во насока на омасовување на движењето и закажување на протест. На 09 11 2019 (сабота) во 13 часот кај Порта Македонија. Ве очекуваме! СТОП ЗА ИЗВРШИТЕЛИТЕ!“, напиша на својот Фејсбук профил Ана Глигорова, една од основачите на иницијативата „Стоп за извршителите“ и член на здружението „Човекот над профитот“.
Уште во 2017 година, граѓанските организации собираа потписи низ Македонија, за покренување до Владата на иницијатива „Стоп за извршителите”.
Иницијативата е иницирана од граѓаните кои плаќаат парно греење и бараат од Владата запирање на присилна наплата, ревизија на работата на извршители, нотари и доверители, враќање на работата на извршителите во судовите, како и утврдување на реален и нереален долг.
Здружението „Човекот над профитот” заедно со уште неколку други здруженија „Но пасаран”, „Гласен Текстилец“ и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија покренаа една иницијатива со назив „Стоп за извршителите”. Преку оваа иницијатива се собираа потписи низ градовите против работата на извршителите.
Инаку, Ана Глигорова е самохрана мајка која со години се бори на овие родители да им овозможи достоен живот.
Работи како ТВ режисер, но и еден од најгласните борци за женски права и социјална правда.
Таа е жесток критичар и борец против Извршителите, бидејќи и самата за мал долг плаќа седум пати повеќе.
И.Т.З.