Владата на Сојузна Република Германија има цврст и непроменет став за нашата земја. За Германија, започнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија останува да биде суштинско прашање на безбедноста и стабилноста во Европа.
Во своето соопштение од 22 октомври, германската влада ја нагласува својата посветеност, а од чекорите кои ги презема на дипломатски, политички, економски и развоен план, таа посветеност се докажува секојдневно.
„Германија е на посебен начин поврзана со Западен Балкан, не само политички, туку и економски и општествено, преку многуте луѓе од овој регион што живеат кај нас. Од заеднички европски интерес е да се интегрираат државите од Западен Балкан во Европската Унија. За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа.
Германскиот Бундестаг со својата одлука на 26 септември 2019 година ја исполни оваа одговорност. Нашата позиција не се промени, и таа и понатаму треба да служи како импулс за размислување за другите. И ние сме за тоа, пристапниот процес во целина да биде потранспарентен и подобар. Но, исто така сме уверени, дека вреди да ѝ се понуди европска перспектива на Република Северна Македонија.
Германија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа секогаш сме го правеле. Сметаме на тоа, Северна Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ!“
Ваквата поддршка, секако, претставува и предизвик и мотив за забрзување на реформските процеси и мерки со кои земјава ќе покаже дека ја заслужува поддршката од Германија, како и од сите останати земји членки на ЕУ. Останува да се види како ќе завршат вонредните процеси што започнаа практично еден ден по француското вето на 17 октомври. Сите очи остануваат вперени во Париз.