Во организација на Здружението на новинарите на Македонија беше одбележан Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите. По тој повод имаше обраќање на претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн, и на новинарот и претставник на Репортери без граници од Париз, Ерол Ондероглу.
Премиерот Заев преку социјалните мрежи изрази поддршка на новинарите и новинарските здруженија и потсети на ставовите за кои се залага оваа Влада:
На Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, сакам да потсетам на ставот на оваа Влада: Нула толеранција за било какви закани, уцени врз новинарите и медиумските работници и за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.
Во изминативе две и пол години, како Влада заедно со сите засегнати страни континуирано работиме во интерес на новинарите, нивните права и нивната безбедност во остварувањето на нивните задачи.
Тие што ја загрозуваат новинарската професија во исто време ја рушат демократијата.
Изминавме долг пат за да дојдеме до ова ниво, како што доликува на едно современо демократско општество. Сега е време судската власт да ги затвори сите случаи на насилство врз медиумските работници и да ги санкционира сите кои се виновни за нападите врз новинарите.
https://www.facebook.com/66035312931/posts/10157957394317932/