Општина Крива Паланка објави јавен повик за избор на членови на Совет на млади, советодавно тело на Советот на општина Крива Паланка основано заради подобрување на положбата и решавање на проблемите на младите во градот, пренесе МИА.
Во Советот на млади можат да бидат избрани млади со постојано место на живеење во Крива Паланка, на возраст од 15 до 30 години.
Советот на млади брои седум членови со мандат четири години, а право на предлагање кандидати имаат: невладини организации, здруженија на млади, ученички совети, студентски совети и други регистрирани облици на организирање на млади.
При предлагањето на кандидатите се поднесуваат документи потпишани и заверени од страна на овластено лице на институцијата која го предлага членот.
Рокот за поднесување на предлози е пет работни дена, заклучно со 18 ноември.
Потребните обрасци може да се подигнат од архивата на општина Крива Паланка или од веб страна на општината www.krivapalanka.gov.mk .
Предлозите за кандидати за членови на Советот на млади на Општина Крива Паланка се доставуваат лично во архивата на општината.