Целосно ги отфрламе изнесените невистини дека Никола Груевски е уапсен и дека Министерството за правда не бара негова екстрадиција, соопштија од Министерството.
-Демантираме уште една од многуте лажни вести деновиве – целосно ги отфрламе изнесените невистини дека Никола Груевски е уапсен и дека Министерството за правда не бара негова екстрадиција, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
На јавноста, како што посочуваат, ѝ е познато дека Министерството за правда веднаш по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски – уште минатата година, има испратено барање за негова екстрадиција и истото е одбиено.
– Во прилог на ова е последниот допис од 31 октомври 2019 година, од унгарското Министерство за правда, во коешто нè информираат дека по одбивањето на екстрадицијата, документите биле испратени во унгарското обвинителство. Унгарското Министерство за правда, исто така нè информираше дека Јавниот обвинител одлучил да не иницира кривична постапка, ниту било какви други мерки против Никола Груевски, соопштија од Министерство за правда.
Претходно од ФРОДЕМ посочија дека пред три дена ТВ Српски колектив – национална јутјуб телевизија, објави дека екс-премиерот Никола Груевски е уапсен во Будимпешта, а повикувајќи се на информација на претседателот на Републиканската партија на Србија, Никола Сандуловиќ.
Од ФРОДЕМ прашуваа дали оваа информација е точна.
-ФРОДЕМ јавно го прашува премиерот дали оваа информација е точна и доколку е точна зошто Министерството за правда односно министерката Дескоска досега не побарала негово испорачување?. Второ, доколку информацијата не е точна премиерот Заев има обврска оваа вест енергично да ја демантира бидејќи истата внесува немир и се поголема недоверба кај граѓаните во институциите на системот и сомнеж дека власта свесно не сака да го врати бегалецот од Будимпешта, стои во нивното соопштение.